Микросам АД награден за 25-годишната определба за градење партнерски однос

92

IMG_8232

Компанијата Микросам АД е добитник на статуетка за 2013 година во категоријата односи на пазарот за проектот “Задоволството на купувачот е најголемо признание за успехот на компанијата“. Во иста насока, следниот проект на компанијата е научен семинар кој ќе се одржи по втор пат годинава во организација со Институтот за Современи Композити и Роботика (СКР) и ќе обедини професионалци од повеќе земји кои неколку денови ќе анализираат нови трендови во композитната индустрија, иновации во композитните производни процеси и демонстрации на најсовремените машински и софтверски решенија развиени од Микросам АД.

Проектот “Задоволството на купувачот е најголемо признание за успехот на компанијата“ награден од страна на Министерството за економија и Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата, обединува практики и односи кои се дел од работната етика што се гради и подобрува секојдневно повеќе од две децении од страна на тимот вработени во Микросам АД.

Како компанија која е извозно ориентирана и која има несериско производство на опрема, Микросам АД постојано инвестира во стандардите за однос кон купувачи и останатите општествено одговорни практики. На овој начин компанијата стекнува се поголема доверба на пазарот и се издигнува меѓу водечките производители на машини за композитни материјали во светот.

Бројните препораки од задоволните купувачи се доволна потврда за ова престижно признание да отиде во рацете на Микросам АД. Посветеноста е принципот на работа на компанијата, кој се темели на девизата – наместо производ да се изготви долгорочно решение, наместо купопродажен да се изгради партнерски однос, наместо еднократна соработка да се понуди доживотна поддршка на купувачот.

Микросам АД во 2009 година, ја доби првата национална награда за проектот “Микросам – Академија за таленти“, што заедно со овогодинешното признание е уште една потврда за континуираната заложба од страна на компанијата во општествено одговорни практики, со што придонесува и за националниот интерес – Македонија да се промовира како земја во која има развиено врвни работни норми и поволна бизнис-клима да учествува во меѓународната трговија и да привлекува домашни и странски инвестиции.

Микросам АД континуираната грижа кон своите купувачи ја докажува и преку организацијата на вториот семинар “Автоматизација во композитното производство“, кој заедно со Институтот за современи композити и роботика (СКР) за прв пат го организираа во 2012 година.

“Семинарот покрива современи технологии за процесирање на композитни материјали и опфаќа теоретски и практичен дел. Теоретскиот дел се состои од презентации во специфични области од индустријата, а практичниот од демонстрации на различни композитни технологии на машини инсталирани во лабораторијата на СКР – eдна од најсовремените од ваков вид во светот. На семинарот ќе присуствуваат професионалци (инженери, научници, професори) од земјата и странство кои ќе земат учество како предавачи и/или присутни, а голем дел од нив се наши тековни и потенцијални купувачи и соработници. Професионалната размена на искуства е уште една потврда за ориентацијата на компанијата и грижата кон деловните партнери”, велат од Микросам АД.

Автоматско полагање влакна, автоматско полагање на лента, намотување на композити на комплексни делови, управување со машини инсталирани во просториите на Микросам и Институтот, прикажување на дел од производниот процес на машини, видео-демонстрации, предавања од светски високорангирани експерти во областа, споделување искуства… се само дел од темите и активностите опфатени со агендата на семинарот, закажан во периодот од четврти до шести ноември на Институтот за современи композити и роботика во Прилеп.