“Секогаш работете со позитивна енергија, во спротивно може само да добиете чир.”
Со имот вреден 48,1 милијарда долари, основачот на IKEA Ингвар Кампрад е еден од најбогатите луѓе во светот кои стартувале од нула.
Започнал продавајќи разни дребулии уште како дете, за подоцна да направи револуција во бизнисот со мебел и да стане познат и признат милијардер во целиот свет.
Кампрад е роден во Шведска во 1926 година и уште на пет години почнал да продава кибритчиња за да заработи. На свои 10 години со својот велосипед одел од куќа на куќа и продавал божиќни украси, риба и моливи.
Како млад кратко време бил дел од Нацистичкото младинско движење охрабрен од неговата баба Германка, следбеник на Хитлер. Денес тој жали што некогаш бил дел од ова движење, па дури и преку писмо барал прошка од своите вработени.
Првата поголема сума пари ја добил од татко му кога имал 17 години. Тој имал добри оценки и покрај тоа што пател од дислексија (потешкотии при читање), па татко му сакал да го награди.
Парите ги искористил во 1943 за да ја основа IKEA. Сепак ќе поминат уште пет години пред Кампрад да започне да продава мебел. Првично компанијата произведувала и продавала мали додатоци за домот, како рамки за фотографии.
Во 1956 година Кампрад воведува еден нов начин на “пакување” на мебелот, “flatpacking”, што било големо олеснување при транспорт. Поимот денес се поврзува со IKEA, а се однесува на намалување на трошоците со тоа што потрошувачите го купуваат мебелот на делови и самите го составуваат дома.
Неговиот уникатен карактер, една ретка мешавина на совесност, отвореност и тврдоглавост му помогна да стане бестрашен иноватор на почетокот на кариерата.
За да ги избегне големите давачки за растечката компанија, во 1973 Кампрад го премести седиштето на IKEA од Шведска во Копнехаген, Данска, а тој со фамилијата замина за Швајцарија.
Денес компанијата е стационирана во Холандија, Кампрад повторно живее во Шведска и води една комплексна корпоративна структура што вклучува два огранока, првиот е хуманитарна организација и продажба на мало, а вториот франшиза.
Групацијата IKEA со седиште во Холандија е под сопственост на Stichting INGKA Foundation, која што исто така е хуманитарна организација, дел од корпорацијата.
Средствата од Stichting INGKA Foundation можат да се искористат на два начина: повторно да се инвестираат во IKEA Group и нејзнините франшизи или да се донираат во хуманитарни цели.
Освен мебел, компанијата продава и храна, шведска кујна и традиционална храна во зависност од локацијата на продавницата. IKEA Food Services само минатата година заработи 1,8 милијарди долари од продажба.
Денес IKEA има вкупно 370 продавници во 47 земји низ светот.
Осумдесет и девет годишниот Кампрад и покрај богатството живее во скромна куќа, лета со економска класа, отседнува во евтини хотели и го вози истото Волво веќе две децении.
Со втората сопругата која почина во 2011 имаат три синови, а има и една посвоена ќерка од првиот брак.
Синовите Питер, Јонас и Матијас имаат големо влијание во бизнисот. Во 2013 неговиот најмал син Матијас беше назначен за претседател на Inter IKEA holding SA, компанијата што има контрола над групацијата Inter IKEA и ги води франшизите низ светот.
Кампрад сè уште е виш советник во компанијата и неговиот збор е последен кога се работи за донесување одлуки во IKEA. И покрај длабоката старост, тој не планира да застане и целосно да го препушти бизнисот на синовите.