Истражувачи од универзитетот Uppsala во Шведска создадоа филтер за вода тенок колку лист хартија што не само ја прочистува водата, туку и ја ослободува од штетните вируси, пишува Phys. Филтерот е наречен Mille-feuille и е изработен од минијатурни целулозни влакна коишто овозможуваат вирусите да се задржат на него и водата да остане чиста.
Филтерот е наречен според француски десерт поради сличноста на внатрешната структура и истиот доаѓа по многу евтина цена за разлика од останатите филтери на пазарот.
“Со материјал обезбеден директно од природата и со употреба на едноставни производствени методи, веруваме дека нашиот филтер ќе се употребува насекаде низ светот и ќе стане глобално решение за проблемот со нечистата вода. Нашата цел е да создадеме хартиен филтер што ќе може да ги отстрани дури и најпроблематичните вируси од водата на толку лесен начин како што е подготовката на кафе”, вели професорот по нанотехнологија Алберт Мајранјан.
Повеќе од 748 милиони луѓе во светот немаат пристап до чиста вода за пиење и основни санитарни услови.