Минеко рудниците планираат проширување на бизнисот и во Македонија

25

Британската компанија Минеко Лимитед, член на Минеко Групата, која претставува еден од најголемите инвеститори во регионот во областа на рударството и енергетиката, и покрај глобалната криза на пазарот на обоени метали и рударскиот сектор, преку рудниците со кои управува оствари одлични деловни резултати во 2015 година. Воедно, Минеко најавија и отворање на два нови рудници – во БиХ, рудникот за олово кај Олово и Босил Метал, рудникот за олово и цинк во Србија кај Босилеград. Покрај тоа, Минеко најави и можност за активна деловност и во Македонија.

„Минеко е присутен во регионот од 2004 година, откако ги следи поволните прилики за инвестирање и во Македонија. Рударството на обоените метали е една од основните активности на Минеко Групата и со гордост гледаме на трите наши рудници за олово, цинк и бакар со кои управуваме заедно со партнерите – Рудник и Велики Мајдан во Србија и Сасе во Република Српска, кои денес се стабилни. Моментално сме ангажирани на повеќе нови проекти и со голем елан работиме на активирање на нови рудници во Босна и Херцеговина и во Србија. Паралелно, со голем интерес го следиме развојот на состојбите во Македонија и го правиме проценка за нови проекти“, изјави Бојан Поповиќ, директор на Минеко Лтд.

Минеко досега во рударските проекти на територијата на Западен Балкан вложил околу 55 милиони американски долари, а за отворањето на рудниците во Босилеград и Олово ќе бидат потребни дополнителни инвестиции од 20 до 23 милиони. Минеко истовремено спроведува истражувања за олово и цинк кај Фоча во БиХ, стои во соопштението.

За тоа како проширувањето на Минеко Групата во Македонија би влијаело на стопанството на оваа држава, најдобро говорат резултатите на рудниците од оваа групација, кои од година во година бележат константен раст на производството и пораст на бројот на вработени, покрај глобалната криза на пазарот на обоени метали која доведе до затворање на некои од најголемите рудници во светот. Минеко моментално во регионот вработува околу 1.400 луѓе, а со отворањето на новите рудници во Србија и БиХ ќе обезбеди работа за уште 500 луѓе.

Минатата година за рудниците на Минеко по многу нешта беше рекордна. Во Србија, во рудникот Велики Мајдан, годишниот план за производство на концентрати на олово и цинк беше надминат за околу 25%, во РОЦ Рудник е ископано рекордни 26.543 истражувачки бушења. Истовремено, платите се зголемени за околу 13%, додека рудникот Сасе во Сребреница го зголеми производството за 7,2% во однос на 2014 година и вработи нови 47 работници.

Иако неизвесноста и светската криза во рударскиот сектор сè уште трае, Минеко најавува долгорочни планови за работење во регионот.

„Кризата на пазарот на обоени метали не нè заобиколи ни нас. Меѓутоа, ние обезбедивме не само опстанок на нашите рудници, туку и рекордно производство во изминатата година, благодарение на рационализацијата на трошоците и најмногу на нашата политика да го реинвестираме профитот назад во рудниците, како би им овозможиле непречена работа. Очекуваме дека во наредниот период глобалниот пазар ќе се консолидира и дека покрај остварување на одличните резултати во регионот, ќе започнеме еднакво успешно работење и во Македонија“, рече Поповиќ.

Покрај рударството, Минеко вложува и во областа на обновливите извори на енергија и изградба на мали и мини хидроелектрани.