Минхен 2023: Renault Grand Kangoo дебитира со повеќе пространост и ЕВ опција

83

Покрај новиот Scenic, Renault на Салонот во Минхен ја претстави и Grand верзијата на новата генерација на моделот Kangoo

Третата генерација на Renault Kangoo ја доби својата подолга варијанта со 7 седишта како идеално возило за оние кои сакаат уште поголема пространост и практичност. Новиот Grand Kangoo дебитираше на Салонот во Минхен, со погонски опции составени од бензин, дизел и струја.

Конкуренцијата во сегментот на мини комбиња базирани на лесни комерцијални возила повторно се вжештува, а ривалите веќе нудат опција за продолжено меѓуоскино растојание. Со цел да не заостанува зад конкуренцијата, Renault ја прошири својата понуда со Grand Kangoo како попространа алтернатива на стандардната верзија.

Француската марка официјално не ги објави димензиите на Grand Kangoo. Но, ако се земе предвид идентичниот Kangoo L2 Van, моделот би требало да има должина од 4.910 милиметри, со меѓуоскино растојание од 3.100 мм. Ова го прави 424 милиметри подолг од стандардниот Kangoo со 384 мм дополнителен простор помеѓу предната и задната оска.

Огромна практичност

Искористувајќи ги придобивките од продолженото меѓуоскино растојание, Grand Kangoo може да прими 7 возрасни лица со 500 литри товарен простор. 5-те задни седишта се лизгачки, преклопувачки, повлекувачки и отстранливи, што значи дека багажникот може да порасне до огромни 3.750 литри ефективно трансформирајќи го моделот во комерцијално возило. Ако го преклопите совозачкото седиште, можете да поставите предмети со должина до 3,11 метри. Дополнително, има 58 литри простор за складирање во кабината, вклучувајќи лизгачка фиока и подни прегради во вториот ред.

Renault особено го истакнува просторот за колена во третиот ред кој изнесува 164 мм, како и полесниот пристап. Ова се должи на подолгите лизгачки врати со димензии 83 сантиметри, што е за 18 цм подолго од оние во Kangoo. Задната врата е достапна и во стандардна и во застаклена форма. Дополнително, Grand Kangoo има 5 седишта со Isofix точки.

Renault нуди три нивоа на опременост – почетниот Authentic, Equilibre и семејно ориентираниот Techno. Како и со поголемиот дел од надворешниот дизајн (без задните врати и подолгото меѓуоскино растојание), контролната табла е пренесена од стандардниот Kangoo. Достапните акценти во брусено темно дрво го надополнуваат впечатокот со опционалниот 10-инчен дигитален инструмент кластер и дисплејот за инфозабава. Вкупно 14 достапни системи за асистенција му даваат автономна способност на Grand Kangoo од Ниво 2.

Погонски опции

Новиот Grand Kangoo им нуди опција на купувачите да бираат помеѓу електричен, бензински и дизел погон. Почнувајќи со моторите со согорување усогласени со Euro 6E, бензинецот од 1,3 литри произведува 130 КС и може да се спои или со 6-степен мануелен или со 7-степен EDC автоматик. 1,5-литарскиот дизел произведува 96 КС и е ексклузивно достапен со 6-степен рачен менувач.

Сепак, врвот на гамата е Grand Kangoo E-Tech со нулта емисија, кој доаѓа со еден електричен мотор кој произведува до 122 КС и 245 Nm вртежен момент. Користејќи го режимот за возење Eco, моќноста е ограничена на 76 КС, и тука приоритет се става на опсегот. Литиум-јонската батерија од 45 kWh овозможува опсег на движење од 265 километри. Користејќи 80 kW DC полнач, Grand Kangoo може да надополни опсег од 80 километри за само 10 минути полнење. Renault исто така нуди 8 години или 160.000 km гаранција за батеријата, која ќе се замени бесплатно доколку нејзината здравствена состојба (SoH) падне под 70%.

Пристигнува следната година

Новиот Grand Kangoo ќе се произведува во фабриката Maubeuge во Северна Франција, заедно со стандардниот Kangoo, механички поврзаните комбиња од Nissan и Mercedes-Benz и претстојниот Renault 4. Сепак, електричниот мотор и полначите на Kangoo E-Tech ќе се испорачуваат од фабриката Клеон во Нормандија.

Нарачките за Renault Grand Kangoo ќе се отворат кон крајот на 2023 година, а првите испораки се очекуваат на почетокот на 2024 година. Цените допрва треба да бидат објавени, но реално е да се претпостави дека Grand Kangoo ќе биде поскап од стандардниот Kangoo.

Преземено од Avtoplus.mk