Минхен Ре со раст на профитот и покрај природните катастрофи и војната во Украина

22

И покрај големите загуби од природните катастрофи и војната во Украина, германската компанија за реосигурување Минхен Ре минатата година ја заврши со нето добивка од 3,4 милијарди евра, што е за 16 отсто повеќе од претходната година и за 100 милиони евра над сопствените прогнози.

Побарувањата од осигурителните компании минатата година ја чинеа реосигурителната компанија речиси 4,2 милијарди евра, а најголема сума од 1,6 милијарди евра дојде од ураганот Иан, кој минатата есен ги опустоши Карибите и југоисточниот дел на САД. Во меѓувреме, барањата за штета предизвикана од војната во Украина изнесуваат 475 милиони евра, пренесува германската новинска агенција dpa.

„Минхен Ре добро ја надмина минатогодишната криза“, задоволен е извршниот директор Јоаким Венинг од деловните бројки. Раководството на друштвото за реосигурување ќе предложи исплата на дивиденда на акционерите во износ од 11,60 евра по акција за изминатата година. Планира и откуп на сопствени акции во вкупен износ до една милијарда евра.

Оваа година, пак, реосигурителот очекува уште поголема добивка; треба да достигне четири милијарди евра. Истовремено признаваат дека прогнозите се неверодостојни поради неизвесните услови.