Мини-шенген: Нѝ требаат работници кои ќе ги исполнат очекувањата на македонските стопанственици, a не да создаваме кадар за потребите на околните земји

43

За да можеме да направиме каков и да било реформски чекор во обезбедувањето квалитетен кадар согласно потребите на компаниите, потребно е учество на сите општествени чинители како клучен приоритет. Треба еднаш за секогаш да се стремиме да ја вреднуваме продуктивноста на трудово интензивните чинители, а не да се создава кадар кој нема да може своето образование да го имплементира во ова општество, вели претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), Владанка Трајкоска за Локално на тема слободен проток на работници кој треба да го обезбеди мини-шенгенот.

Недостаток на работна сила не е само проблем на македонската економија, туку на целиот регион, но и пошироко. Но, овој проблем е дотолку потежок за нас со оглед дека сме мала земја со ресурсни ограничувања, а особено кога станува збор за човечките ресурси.

Ситуацијата предизвикана од Kовид-19 претставува голем предизвик, вели Трајкоска, но истовремено отвора и нови можности за економска активност.

“Треба да го искористиме искуството и целата оваа ситуација и да заземеме став дека на нашата економија и треба кадар кој ќе ги исполни очекувањата на нашите стопанственици, a не да создаваме кадар за потребите на околните земји, а истовремено да се бориме со дефицит на работоспособно население“, смета првиот човек на ОРМ.

Образованието онакво какво што го имаме, вели таа, во моментов создава само непродуктивен кадар. Праксата е изоставена од училишните програми, а таа е предуслов да се развие култура на размислување кај младите луѓе во делот на работни навики и работа во стопанство, истакна Трајкоска.

Фото: Freepik