Мини шенген стана Отворен Балкан

110

Денеска, на затворањето на официјалниот дел од регионалниот економски форум во Скопје, беше претставено новото име и лого на Мини шенген. Оваа иницијатива од денес се вика Open Balkan (Отворен Балкан).

Премиерите Зоран Заев и Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ денеска потпишаа два меморандума за разбирање и еден меѓудржавен договор.

Договорот е за соработка во случај на елементарни непогоди и незгоди и за заедничката активност на спасување и заштита врз основа на изразената подготвеност, во однос на трите земји. Договорот, исто така, предвидува и обврска за известување за закани, процедури за поминување на границата за целите на спасување и давање помош, заштита и поддршка на работата на спасувачките тимови и индивидуални експерти, начин на надомест на штети, начин на обезбедување грижа и помош на евакуирани лица и користење на средства за комуникација.

Вториот потпис е за меморандум на разбирање за олеснување на увозот и извозот и движењето на стоки и услуги во Западен Балкан врз основа на решителноста на трите лидери, за да се елиминираат бариерите на границите.

Третиот потпис е на меморандум кој е особено значаен за движењето на пазарот на трудот во регионот и со него договорните страни ја изразуваат својата волја да го олеснат движењето на луѓето со цел да обезбедат полесен и послободен пристап до пазарот на трудот со цел отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките во врска со дозволата за привремен престој. Овој меморандум е во насока на потврда на заложбата за спроведување на правото на ЕУ во областа на слободно движење на работниците и подготвување за поблиска интеграција на единствениот пазар на ЕУ.