Министерот Димовски се сретна со бугарскиот колега Греков

24

dimovskiВо рамки на неформалната меѓувладина мини седница која се оддржа во Ќустендил, Бугарија министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, оствари билатерална средба со Димитар Греков, бугарскиот министер за земјоделство и храна.

Главна тема на средбата беше соработката меѓу министерствата околу евроинтегративните процеси и проширување на соработката во другите области од земјоделството.

Греков покажа заинтересираност за состојбата со земјоделството во Македонија и истакна дека ако се обезбеди наводнување на земјоделските површини, ако се помогне на земјоделците во обработката на земјата и се чуваат шумите, и народот подобро ќе живее.

Министерот Димовски посочи дека Министерството во моментов работи на консолидација на земјоделското земјиште, и истакна дека тука бугарското министерство забележува голем напредок и исто така имаат добро изграден систем на фитосанитарни контроли. Министерот Греков додаде дека добро е да се усогласат фито сертификатите со што ќе има полесен проток на земјоделски производи од Бугарија во Македонија и обратно.

Во овој правец битна е соработката меѓу бугарската Агенција за безбедност на храна и македонската Агенција за храна и ветеринарство. Греков истакна дека основниот постулат на кој функционира Европската Унија е слободен проток на стоки и луѓе, па усогласувањето на сертификатите ќе овозможи да бидеме еден чекор поблиску до влезот во ЕУ.

Исто така министерот Греков даде предлог за заедничка борба со карантинските штетници како би се избегнале проблеми со овие штетници, како што беше минатогодишниот проблем со Тута апсолута. Тие се договорија во најбрзо време да се договори средба на техничко ниво за фито санитарна контрола и воспоставување оранжериско производство.

Двајцата министри договорија и соработка во превенцијата на шумски пожари, проблем кој го има и Бугарија посебно на лето и договорија да се направи заеднички проект преку Компонента два од ИПА која е наменета за  прекугранична соработка.