Министерот Сараќини домаќин на естонскиот колега Партс и на Македонско-естонскиот бизнис форум

41

Денеска министерот за економија Ваљон Сараќини, заедно со министерот за економски развој и комуникција на Естонија Јухан Партс го отворија македонско-естонскиот бизнис форум, кој се реализираше во рамки на првата официјална посета на Република Македонија од страна на државна и бизнис делегација од Естонија. Министрите, пред почетокот на форумот, одржаа билатерална средба, на која беа презентирани македонските можности за инвестирање во делот на енергетиката, туризмот, минералните суровини, ИТ секторот.

„Со мојот колега Партс разговаравме за можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји, регулирана со Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и земјите членки на Европската Унија. Во последните две години, вкупната размена со Естонија се движи околу 1,6 милиони долари во 2011 година и нешто помалку од еден милион долари во 7-те месеци на 2012 година, а вкупните инвестиции од Естонија во 2011 година се 1,22 милиони евра. Покриеноста на увозот со извоз за 2011 година изнесува 24,5%, а за 2012 (јануари – јули) година е нешто пониска и изнесува 20,9%, што укажува на повисок увоз отколку извоз во оваа Балтичка земја, и тука гледам можности за унапредување на соработката“, изјави Сараќини.

Министерот за економски развој и комуникција на Естонија Јухан Партс истакна: „Ќе го искористиме форумот и Б2Б средбите што претстојат за интензивирање на соработката меѓу двете земји. Со оглед на продлабочувањето на кризата во Грција, Македонија би можела да биде нов пазар за естонските бизнисмени, а скандинавските земји, со кои ние најмногу соработуваме, можат да претставуваат ново поле за пласман на македонските производи“.

На форумот беа претставени инвестициски проекти, особено во делот на енергетиката, минералните суровини и туризмот, како и реформите што Владата ги има веќе направено во насока на подобрување на инвестиционата клима во земјата.

„Би сакал да ја нагласам можноста за соработка помеѓу естонските и македонските институции и претпријатија во форма на партнерства при аплицирање на отворените повици од Рамковната Програма за Конкурентност и Иновации (ЦИП) 2007-2013, во подпрограмите за Претприемништво и иновации и Интелегентна енергија на Европа, но исто така предложив и формирање на билатерално експертско тело, коешто ќе ги следи ЕУ-повиците за аплицирање на ЕУ-програмите, со цел креирање на заеднички проекти, пред сé во областа на транспортната и енергетската инфраструктура, заштитата на животната средина, туризмот  и унапредување на прекуграничното движење на стоките“, рече министерот Сараќини.

Министерот Партс го искористи форумот, покрај можностите за деловна соработка меѓу компаниите, да ја нагласи и поддршката што Естонија ја дава на Македонија во процесот на интеграциите во ЕУ и НАТО, споделувајќи го естонското искуство во процесот на интеграција во Европска унија. Меѓу учесниците официјалниот дел на форумот беа и претседателот на Советот на меѓународната комора за трговија на Естонија, како и претставникот на управниот одбор на Ентерпрајз Естонија, задолжена за поддршка на претприемништвото и регионален развој на Естонија, додека од македонска страна своиу обраќања имаа министерот за странски инвестиции Веле Самак и претставник од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.  Покрај Б2Б средбите меѓу македонските и естонските стопанственици, естонската бизнис делегација ќе има можност за неколкудневен престој во Македонија, запознавање со условите за работа во Република Македонија и посета на неколку деловни субјекти и капацитети.