Министерство за економија: 30 милиони денари за енергетска ефикасност во домаќинствата

66

Согласно Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2019 година и годинава продолжуваме со реализација на предвидените мерки, па деновиве беа објавени јавните огласи за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинства, за коишто се обезбедени пет милиони денари и за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата за 2019 година, за коишто обезбедивме 25 милиони денари, соопшти министерот за економија Крешник Бектеши.

Согласно повиците, на купувачите на сончеви термални колекторски системи (колектори, резервоар за топла вода и потребна инсталација), кои ќе ги купат и вградат во своите домови по денот на објавувањето на овој оглас заклучно со 30-ти јуни 2019 година, ќе им биде обезбеден поврат на дел од средствата до 30 %, но не повеќе од 15.000 денари.

За купувачите на ПВЦ или алуминиумски прозорци со потребната инсталација, кои ќе ги купат и вградат во своите домови по денот на објавувањето на овој оглас, заклучно со 30-ти јуни 2019 година, ќе се реализира поврат на дел од средствата до 50%, но не повеќе од 25.000 денари, сѐ до искористување на предвидените средства за оваа намена.

Единствениот услов е купувачот да го нема искористено правото на поврат на дел од средствата за конкретните намени врз основа на јавните огласи на Министерството за економија во претходните години.

“Само за илустрација, заклучно со 2018 година на 6.538 домаќинства им се обезбеди поврат на дел од средствата кои ги потрошиле за купени и вградени сончеви колектори, а исплатени се приближно 96 милиони денари, додека во претходниве две години, откако стартуваше мерката за замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци субвенциниониравме 2.350 домаќинства и исплатени се приближно 66.000.000 денари од Буџетот на Република Македонија. За третата, исто така, атрактивна мерка за граѓаните – јавниот оглас за надоместување на дел од трошоците за купување на печки на пелети во домаќинствата за 2019 година, согласно Програмата ќе биде објавен во третиот квартал од 2019 година и со него е предвидено надоместување на дел од трошоците за купување печки на пелети со линеарна распределба по домаќинство, во зависност од пристигнатиот број на барања кои ги исполнуваат условите од програмата, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство. Вкупниот буџет за реализација на оваа мерка изнесува  20.000.000 денари“, најави Бектеши.

Со реализација на мерките од Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2019 година, очекувани се следните позитивни влијанија, и тоа: годишни заштеди на домаќинствата, подигање на јавната свест за позитивните ефекти од искористување на сончевата енергија во домаќинствата,  поголемо искористување на обновливите извори на енергија и заштита на животната средина.