Мишустин: Нема да ги ограничуваме странските компании кои сакаат да работат во Русија

Нема планови за воведување ограничувања за странските компании кои сакаат да продолжат да работат во Русија или да започнат нови инвестиции во земјата, изјави  премиерот Михаил Мишустин за време на дебатата во Државната дума за неговиот реизбор за премиер.

Тој исто така нагласи дека руската влада ќе се залага за зголемување на атрактивноста на рускиот правен систем кога станува збор за бизнисот на компаниите, пренесе ТАСС.

„Ќе продолжиме да ги поддржуваме механизмите за финансирање на проекти и капитал“, рече тој.

Мишустин вели дека владата нема да ги ограничува руските деловни потфати ниту на странските пазари.

Тој најави и подготовка на договор за зона за слободна трговија со земјите од азиско-пацифичкиот регион, Блискиот исток и Африка.

„Ќе работиме на договори за слободна трговија со земјите од азиско-пацифичкиот регион, на Блискиот Исток и Африка, ќе ја прошириме индустриската, научната и техничката соработка и ќе започнеме нови заеднички економски и инвестициски проекти“, рече тој.