Мислите дека паметно купувате? Еве како се манипулира со нашите одлуки на интернет

104

Доколку мислевте дека за време на онлајн пазарење не може никој да ве измами, односно да ве наговори на нешто што не го сакате, тогаш сте во заблуда. Тоа го тврди британското Здружение за заштита на потрошувачи Which, кое на почетокот од месецов  објави резултати на едно истражување.

Во него учествувале 9.988 Британци, а засновано е на тоа како таканаречените ѕвездички како оцена и пишувањето позитивни коментари под одредени производи, влијаат на нашето однесување и донесување одлуки.

Испитаниците биле внимателно одбрани, така што припаѓале на различни старосни и социоекономски групи, имало еднаков број на мажи и жени со различен степен на образование. Истражувачите им нуделе да го изберат најсоодветниот производ од понудените.

Некои имале за задача да изберат најдобри слушалки помеѓу пет истакнати, а сите ја имале истата цена (15 фунти), додека на други им понудиле камери од 50 фунти. Имало и артикли кои достигнуваат цена и до 150 фунти, а сите интернет страници кои ги посетиле наликувале на Аmazon. Секако, понудените производи претходно поминале детална анализа. Таа анализа јасно покажала покрај кои производи треба да стои ознаката “најдобро“, а покрај кои “не купувај“.

Целта на истражувањето било да се утврди во која мера “пумпањето“ на добрите рецензии на интернет може да влијае врз одлуката на потрошувачот, односно на неговата мотивација да купи “погрешен артикл“. Контролната група на испитаници не била изложена на манипулации, но затоа секоја наредна добивала сè повеќе лажни коментари и ѕвездички.

Две групи биле изложени на техники кои можеле да ги наведат да мислат дека станува збор за лажно истакнување на производите како одлични. На пример, оние “искусните“ би требале да сфатат дека се претерано разубавени коментарите, односно лажни. Сепак, се покажало дека купувачите се многу склони да поверуваат на лажните рецензии.

Додека во контролната група, односно основната, производот означен со “не купувај“ бил одбран од страна на секој 10-ти испитаник, а во останатите групи изложени на манипулација – тоа го направил секој четврти испитаник. Освен контролната, уште четири групи биле ставени пред различни предизвици. Најлошо поминала последната, четврта група. Тука испитаниците биле изложени на лажни ѕвездички, лажни коментари, лажни пласмани на производите од самите трговци (на пример препорачува Аmаzon), па така процентот на купувачи кои избрале неквалитетен производ пораснал на 24,8%. Ситуацијата малку се поправила кога истражувачите им покажале банер со предупредување кое се однесува на лажните рецензии.

Она што понатамошното истражување го покажало, а е прилично поразително, бил фактот дека дури 19% од испитаниците избрале некој производ, дури и доколку знаеле за неговите лажни рецензии. Освен тоа, се воспоставило дека нивото на образование, годините или полот немале никаква врска со “паметниот избор“ на производи преку интернет.

Фото: Pixabay