Мистериозно повлекување на првиот човек на Deutsche Telekom

41

Извршниот директор на германскиот телекомуникациски гигант Deutsche Telekom, Рене Оберман неочекувано најави повлекување од функцијата кон крајот на следната година.

Надзорниот одбор на DT ја прифати вчера неговата оставка и од 1 јануари 2014 година ќе го замени досегашниот финансиски директор на компанијата, Тимотеус Хотгес. Мандатот на Оберман требаше да истече на крајот на октомври 2016 година. Причина за неговото заминување не е наведена.

Се претпоставува дека одлуката да се повлече е лично негова. Оберман во DT е 16 години, седум години е извршен директор, а претходно ја водеше најпрофитабилната дивизија, T-Mobile.

“Наша цел мора да биде успешно спроведување на трансформациските стратегии коишто заедно ги креиравме. Очекуваме дека до 2014 година ќе го запреме падот на приходи и ќе почнеме повторно да бележиме раст”, изјави Хотгес преку соопштение. Тој повтори дека DT ќе инвестира големи суми во прв ред во мрежите во Германија и САД.

DT за следните три години најави вкупни инвестиции од скоро 30 милијарди евра, од кои 9,8 се наменети за следната година.