Митреска: Растот на депозитите продолжи со солидно темпо и во текот на корона-кризата

22

Растот на депозитите продолжи со солидно темпо и во текот на корона-кризата. Банкарскиот систем добро го помина тестот којшто го наметна кризата од пандемијата на ковид-19, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, на традиционалниот настан којшто го организира Македонската банкарска асоцијација (МБА), по повод Светскиот ден на штедењето.

„Депозитниот потенцијал се зголемува со релативно сoлиден интензитет од над 8% на годишна основа, со што динамиката на зголемување е многу слична на онаа од периодот 2018 ‒ 2019 година. Ваквата динамика ни од далеку не наликува на случувањата за време на глобалната финансиска криза кога за кусо време дојде до забавување на растот на депозитите сведувајќи се од околу 20% на околу 7% на годишно ниво” – истакна вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска по повод Светскиот ден на штедењето.

Пандемијата на ковид-19, за разлика од други епизоди на криза, всушност придонесе за зголемување на штедењето и овој процес е глобален феномен. Во развиените земји, оценетиот вишок на заштеди во 2020 година изнесувал близу 7% од БДП, покажувајќи дека се штедело повеќе во пандемијата, отколку во нормални околности. Во регионот на Западен Балкан, стапките на домашно штедење забележаа благо намалување од околу 3 процентни поени од БДП, но во услови на силна фискална потрошувачка за поддршка на економиите. Ова значи дека штедењето на приватниот сектор, и покрај големата рецесија, многу веројатно е дека останало релативно стабилно или растело”, подвлече вицегувернерката Митреска.

„Трите причини коишто придонесоа за ваквиот феномен се стабилниот расположлив доход, делумно и заради фискалниот импулс за поддршка на платите и работните места, принудното намалување на потрошувачката на населението и мотивот на претпазливост од страна на штедачите”, посочи Митреска.

Во текот на пандемијата, се забележува и промена и во инвестициското однесување на населението. Поради ниските каматни стапки, релативно стабилниот расположлив доход, намалените можности и потреби за потрошувачка и промената во моделите на работа, се забележува зголемување и на побарувачката на недвижен имот и на цените на недвижностите на глобално ниво.

„За разлика од поголем број економски показатели, коишто колабираа во текот на пандемијата, цените на недвижностите бележат раст. Во земјите на ЕУ, во првата половина од оваа година, цените на недвижностите бележат просечен раст од близу 7%, наспроти растот од околу 4% во изминатите неколку години. Кај нас растот на цените е поумерен и изнесува околу 4,4% во текот на оваа година, но овој „пандемичен синдром” треба внимателно да се следи” ‒ заклучи вицегувернерката Митреска.

Осврнувајќи се кон иднината, вицегувернерката Митреска нагласи дека во сите земји, со растот на штедењето се зголемуваат изворите за финансирање на банките и нивниот капацитет за поддршка на економијата, особено во пунктовите коишто ќе треба да им одговорат на новите постпандемични барања и коишто ќе го зголемат потенцијалот за раст. Транзицијата кон зелена економија без сомнение е едно од прашањата коешто заради пандемијата се помести од маргините кон јадрото на приоритетите.