Новиот Mitsubishi Colt речиси и не се разликува од Renault Clio на кого е базиран, a пристигнува и со хибриден погон
Mitsubishi ја претстави новата генерација на својот мал хечбек Colt и речиси сè делува дека е познато. Иако од претходно беше познато дека новиот Colt ќе биде базиран на Renault, сега е очигледно дека јапонската марка направи многу малку промени на својот автомобил кога станува збор за дизајнот.
Иако тоа не е особено инспиративно, сепак и тоа како има смисла. Colt ќе биде важен модел за марката кога станува збор за ценовната достапност, па оттаму и немаше потреба за поголеми промени на автомобилот.
Сепак, тоа што постојат сличности, не значи дека новиот Mitsubishi Colt нема да ги пресретне очекувањата на купувачите. Благодарение на подвозјето, новиот Colt е убав, класично исправен хечбек со експресивни фарови. LED елементите формираат шеврони на двата краја на решетката, а новите задни светла му даваат на автомобилот агресивен изглед. Целосното име на Mitsubishi може да се види, напишано преку задната врата, а под него се наоѓа нова табличка со името Colt.
Во ентериерот, автомобилот добива 7 или 9,3-инчен инфозабавен екран на допир со безжична Android Auto или Apple CarPlay конекција како стандард. Зад воланот стандардно е дигитален дисплеј од седум инчи, додека купувачите како опција можат да го изберат 10-инчниот екран. Colt нуди и безжично полнење за мобилнните уреди.
Хибриден погон
Новиот автомобил исто така треба да им помогне на сопствениците да заштедат гориво благодарение на достапниот хибриден погон. Составен е од 1,6-литарски мотор и два електромотори, кои заедно испорачуваат 143 КС. Mitsubishi ветува дека електричните мотори ќе можат да се справат до 80 отсто од возењето низ градот.
Ќе се нуди и со две погонски единици чисто со внатрешно согорување. Станува збор за атмосферски 1,0-литарски мотор со три цилиндри, кој произведува 67 КС и верзија со турбополнач со 91 КС.
Производителот на автомобили е исто така горд што може да понуди низа системи за помош на возачот низ целата гама. Тие вклучуваат препознавање сообраќајни знаци, предупредување за напуштање лента, темпомат и друго, кои се стандардни. Исто така, во врвот на понудата има предупредување за слепа точка, предупредување за заден вкрстен сообраќај, помош за паркирање и систем за камера од 360 степени.
Цените за новиот Mitsubishi се уште не се откриени, но тој ќе се нуди во три добро снабдени нивоа на опременост. Производството на Colt ќе започне во септември, во Бурса, а во продажните салони се очекува оваа есен.
преземено од Avtoplus.mk