Младите Американци не сакаат традиционални кредитни картички

46

Пандемијата ги промени банкарските навики на клиентите во САД, забрзувајќи го користењето на дигитално банкарство, што го потврдува податокот дека секој петти Американец минатата година отворил банкарска сметка за електронско плаќање, покажува анализата на финансиската компанија FIS Global.

“18% од учесниците во анкетата рекле дека отвориле тековна сметка во банка само за онлајн плаќања, додека 37% изјавиле дека, покрај користење на традиционални банкарски услуги, во изминатите 12 месеци преминале и во нов деловен однос со некоја голема домашна или глобална банка којашто има добро воспоставен онлајн портал“, пренесува CNBC.

И покрај тоа што корисниците отвориле банкарски сметки, користењето на кредитни картички бележи огромен пад, особено кај една старосна група на клиенти.

“Кај генерацијата Z (родени од средината на 90-тите, па до 2010 година) воочивме пад на поседувањето на кредитни картички. Минатата година, 31% од припадниците на таа старосна категорија немале таква кредитна картичка, а сега дури 55%“, вели Ендри Бити, директор за банкарство на следната генерација на FIS.

Кај сите старосни групи, 14% од корисниците на банкарски услуги немале кредитни картички минатиот април, а оваа година тој процент пораснал на 21%.

Според него, финансиските компании би требало да се прилагодат на промените на однесувањето на клиентите, посебно кога станува збор за генерацијата Z, со иновирање на понудата “купи сега, плати подоцна“, за да се надмине јазот во кредитирање на младите генерации коишто ги избегнуваат традиционалните кредитни картички.

Услугата “купи сега, плати подоцна“ чини 4% од вкупните глобални трансакции во електронска трговија до 2024 година.

Фото: Pexels