Младите работници во Јапонија ангажираат фирми за да дадат отказ место нив

108

Во Јапонија започна нов тренд, а се работи за компании кои можат да бидат ангажирани да дадат отказ наместо вас. Причината е прилично едноставна – младите работници не сакаат да имаат конфронтации со претпоставените.

Како што изјави една млада работничка за Си-Ен-Ен, таа се плашела дека нејзиниот шеф нема да ја остави да ја напушти компанијата. Тоа го поткрепува и исклучително строгата работна култура во Јапонија, каде шефовите често ги кинат писмата за отказ пред работниците и ги „тераат“ да останат на работа.

Сепак, постојат компании кои ќе управуваат со целиот процес за работниците за околу 150 долари, вклучително и упатување за правна помош доколку претпоставените сè уште одбиваат да го потпишат отказот.

Како што пишува CNN, работната култура во Јапонија стана неподнослива за младите работници, кои сакаат поголема слобода и автономија. За разлика од претходните генерации, тие не сакаат да прифатат сè што им кажуваат претпоставените и сакаат да имаат повеќе слободно време.

Една од компаниите што ги нуди овие услуги вели дека во текот на претходната година имале околу 11.000 барања за помош. Велат и дека луѓето често ги викаат во солзи, сметајќи ги како последна опција.

Додаваат и дека имале бизарни случаи како еден работник на кој шефот му рекол да оди во храм затоа што бил „проколнат“ и случаи кога газдите доаѓале кај нивните работници пред згради и постојано им ѕвонеле на домофонот.

Важно е да се истакне дека и јапонските власти сметаат дека ваквата работна култура е штетна за работниците. Тие укажуваат на бројка од 54 луѓе кои починале од прекумерна работа во 2022 година, a  имало 160 смртни случаи во 2002 година.

Покрај тоа, многу млади луѓе не можат да го организираат својот приватен живот бидејќи поминуваат премногу време на работа. Ова е особено важно за земја со негативен природен прираст и стареење на населението.