Млеко од камила – нов тренд во млечната индустрија

760

Млекото од камила се консумира од многу одамна, особено во африканските земји каде тоа животно било основно средство за транспорт. За него се вели дека е побогато од кравјото млеко со витамин Ц, Б, железо, калциум, магнезиум и потасиум. Освен тоа, млекото од камила помага при сезонски алергии и алергии од храна, добро е за дијабетичари и го помага варењето.

Иако производот сè уште подложи на низа истражувања, голем број на луѓе го купуваат и се заинтересирани за одгледување на камили за млеко. Особено овој тренд е денес присутен во Австралија каде што не само што расте бројот на камили и одгледувачи, значително зголемена е и побарувачката и извозот на овој вид на млеко. Лорен Бризбејн, сопственичка на QCamel, органска фарма за млеко од камила во Австралија, вели дека ги третираат животните како дел од семејството, не само како средство за добивање на производ, пишува BBC.

Денес во земјата има повеќе од 1,2 милиони неприпитомени камили и најголем дел од нив се од арапската камила којашто е со една грпка. Токму тој вид на камила е погоден за добивање на млеко.

Првите млечни фарми во Австралија се отворија пред пет години и оттогаш индустријата зема сè поголем замав. Во 2016 година земјата произвела 50.000 литри млеко од камила, а денес таа бројка изнесува 180.000 литри.

Camel Milk Co Australia е уште една млечна фарма чијшто сопственици започнале само со три диви камили, за денес да имаат стадо од 300 од коишто 60 даваат млеко. Една третина од тоа се извезува во Сингапур, а другиот дел до Тајланд и Малезија. Следни на листата, како што потенцираат брачниот пар основачи, се Кина и САД.

Млекото од камила се консумира и во Нов Зеланд, Папуа Нова Гвинеја и Хонг Конг.

Сепак, овој вид на млеко е прилично поскап од кравјата алтернатива. Истото во Австралија се продава за 10 долари, што е за 12 пати повеќе од млекото од крава.

Фото: Pixabay