Германската економија годинава ќе порасне многу послабо од очекуваното, објави Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Најголемата европска економија се соочува со предизвици оваа и следната година, нагласи експертот на ММФ за Германија, Оја Целасун, најмногу поради ограничувањата во снабдувањето со гас.
Отежнувачка околност е слабеењето на економијата на глобално ниво.
ММФ сега очекува германската економија да порасне за 1,2 отсто оваа година, намалувајќи ја претходната прогноза за 0,8 процентни поени.
Во следната година, економската активност би требало уште повеќе да забави, со проценета стапка на раст од само 0,8 отсто, утврди ММФ, што е за 1,2 отсто послабо од очекуваното.
Инфлацијата треба да достигне 7,7 отсто оваа година, а потоа да се забави на 4,8 отсто во 2023 година, под услов да се стабилизираат цените на енергијата, покажа пресметката на ММФ.
Селасун предупреди на висок степен на несигурност во проценките, додавајќи дека најголемата закана за економијата ќе биде трајно и целосно прекинување на извозот на руски гас во Германија и Европа.
Аналитичарот на ММФ ја повика Германија да биде флексибилна во својата финансиска политика, за да може да реагира доколку ситуацијата се влоши. Флексибилноста може да опфати и повторено суспендирање на уставната одредба за задолжување.
ММФ даде попозитивна оценка за мерките преземени од германската влада за обезбедување на снабдување со енергија, вклучувајќи го и увозот на течен природен гас (LNG) и складирање гас.