ММФ ја зголеми прогнозата за глобалниот економски раст за 2023 година

61

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја ревидираше својата прогноза за глобален економски раст за 2023 година малку повисоко, откако прогнозите сега се подобри од претходно и за напредните економии и за големите економии во развој.

Во новите објавени податоци за перспективите на светската економија, ММФ наведе дека сега очекува светскиот економски раст во 2023 година да биде три отсто наспроти 2,8 отсто што се очекуваше во претходната проценка во април.

Исто така, се очекува дека економската активност ќе остане на исто ниво и во 2024 година, без промени во однос на претходната проценка.

„Нашата проекција за оваа година се подобрува, а инфлацијата паѓа, тоа се две добри вести“, изјави за АФП главниот економист на ММФ, Пјер Оливие Геринша, но тој додаде дека светот не е без проблеми и дека растот останува слаб, особено поради значителното забавување во активностите на напредните економии.

Повеќето напредни економии, како што се големите економии во развој, се чини дека имаат подобри резултати од очекувањата на Фондот, иако речиси секаде постојат рестриктивни политики за борба против инфлацијата која останува „тврдоглаво висока“.

На тој план, ММФ очекува и благо подобрување до крајот на годината, бидејќи инфлацијата може да достигне 6,8 отсто на светско ниво на крајот на годината, 0,2 отсто помалку од предвиденото во април.

Но, и инфлацијата ќе трае подолго: на крајот на 2024 година таа сепак треба да биде околу 5,2 отсто, додека во март институцијата очекуваше да биде за 0,3 процентни поени пониска од тоа.

„Забавувањето што го гледаме во голема мера е резултат на намалувањето на цените во Кина, особено во индустријата во вториот квартал“, рече Геринша.

ММФ инсистира на тоа дека е неопходно да се продолжи со „монетарното стегање“ за да се врати инфлацијата на целното ниво, иако тоа влијае на економијата која досега беше поотпорна отколку што се очекуваше, особено во земјите со забрзан развој.

Во Групата седум најразвиени либерални економии, Германија треба да биде единствената што ќе има рецесија во 2023 година. Рецесијата се чини се понеизбежна и поголема од очекуваното во април, па ММФ сега очекува пад на економската активност во Германија од 0,3 отсто во споредба со 0,1 отсто што го очекуваше во април.

Другите големи европски економии се покажаа како поотпорни од Германија: Франција се очекува да порасне за 0,8 отсто, што е за 0,1 процентен поен повисок од април, Италија за 1,1 отсто (0,4 процентни поени повисоко), додека економијата Шпанија покажува реални знаци на добро здравје со очекуван раст од 2,5 отсто, што е за процентен поен поголем од април.

Во САД, ризикот од рецесија, кој се најавуваше долго време, се чини дека е отстранет и покрај последователните зголемувања на каматните стапки од март 2022 година. ММФ очекува раст на американската економија од 1,8 отсто, наспроти 1,6 отсто во април.

Кај земјите во брз развој, прогнозите за раст на кинеската економија остануваат непроменети на 5,2 отсто во 2023 година и 4,5 отсто во 2024 година, и покрај стравувањата од ризик од забавување и последиците од можна дефлација бидејќи кинеската инфлација во јуни беше нула на годишно ниво.

Русија треба да очекува силна рецесија во 2023 година, се вели во првичниот извештај на ММФ објавен во октомври минатата година, но прогнозите за Русија постојано се подобруваат. Во април ММФ прогнозираше раст на економската активност на Русија за 2023 година од 0,7 отсто, а Фондот сега предвидува раст од 1,5 отсто.