ММФ ја зголеми својата прогноза за светската економија

12

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) маргинално ја зголеми прогнозата за растот на светската економија оваа година, со силен раст на активноста во САД и Кина и ослабена еврозона под притисок на зголемените трошоци за задолжување.

За оваа година ММФ предвидува раст на светската економија од 3,2 отсто, само 0,1 процентен поен посилен од очекувањата во јануари, а со исто темпо би требало да расте и во 2025 година, пренесува Хина.

Зимските прогнози на ММФ ги опфаќаат само најголемите економии и групи на економии.

За споредба, просечниот раст на светската економија во периодот од 2000 до 2019 година изнесува 3,8 отсто.

„Светскиот економски раст го достигна дното на крајот на 2022 година и се лизна на 2,3 отсто. Според нашите последни проекции за светската економија, растот ќе остане стабилен оваа и следната година – на 3,2 отсто“, напиша на својот блог Пјер-Оливие Гуриншас, главен економист на ММФ.