ММФ ќе се фокусира на економските последици од климатските промени

38

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) гледа на климатските промени како на основен ризик за економската и финансиската стабилност, изјави шефицата на ММФ Кристалина Георгиева, презентирајќи ги плановите на Фондот за поддршка на инвестициите во зелените технологии што ќе го поттикнат глобалниот раст.

На Самитот за климатско приспособување, Георгиева рече дека глобалното економско производство може да се зголеми за 0,7% во следните 15 години и дека милиони работни места може да се отворат доколку цените на јаглеродот продолжат да растат, а инвестициите во зелената инфраструктура се шират.

“Сметаме дека климата е клучен ризик за економската и финансиска стабилност и на климатските активности гледаме како на можност за заживување на растот, особено по пандемијата, и за создавање нови зелени работни места“, истакна Георгиева.

Таа додаде дека ММФ презема мерки во четири области за забрзување на транзицијата кон нова економија со малку јаглерод и отпорна на климата.

Според неа, Фондот годинава ќе основа нов Панел за климатски промени со цел да го следи економското влијание на климатските ризици и да преземе мерки за нивно ублажување, што е клучен чекор за да се обезбеди потребниот пресврт.

“Климатската отпорост е клучен приоритет. Затоа тој е во центарот на активностите што ги спроведуваме оваа година, како и во годините што доаѓаат“, рече Георгиева.

Фондот, исто така, ќе ги интегрира климатските фактори во годишните економски проценки за земјите, фокусирајќи се на климатската адаптација на високо ранливите земји, најави извршната директорка на ММФ, додавајќи дека проценките ќе ја вклучат и цената на јаглеродот на големите емитери, пренесува МИА.

Георгиева рече дека Фондот е во фаза на усвојување подобрени критериуми за стрес-тестови и стандардизација на климатските ризици за финансиска стабилност и оти ќе ја прошири програмата за едукација и поддршка за да им помогне на централните банки и министерствата за финансии да ги земат предвид климатските фактори во нивните макроекономски проекции.

Фото: Pixabay