ММФ: Светот да се подготви, каматните стапки ќе растат

Претседателката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристалина Георгиева изјави дека е потребно многу внимателно да се повлече политичката поддршка дадена во борбата против пандемијата на коронавирусот и дека светот треба да биде подготвен за зголемување на каматните стапки.

Посочувајќи дека глобалната економија започна да се подобрува во април, Георгиева рече дека економиите на Соединетите Американски Држави (САД) и Кина се “два мотори кои напорно работат “.
Таа додаде дека очекува дека Европската унија (ЕУ) ќе ги стигне овие две економии во летните месеци, благодарение на вакцинацијата, истакнувајќи дека верува дека заздравувањето ќе се забрза.

Потсетувајќи дека глобалната економија се очекува да порасне за 6% оваа година и за 4,4 % следната година, Георгиева посочи дека нерамномерното закрепнување меѓу земјите останува сериозен проблем. Таа исто така истакна дека е неизбежно политичката поддршка дадена во борбата против пандемијата да биде повлечена, додавајќи дека е многу важно тоа да се спроведе многу внимателно.

“Треба да се подготвиме за зголемувањето на каматните стапки. Особено е важно да се следат каматните стапки во САД бидејќи таму има значително движење“, рече Георгиева.

Како што изјави таа, земјите кои сè уште не бележат раст и имаат акумулирано долг, би можеле да се најдат во многу тешка ситуација во потенцијално опкружување на зголемувањето на каматните стапки.