Германскиот производител на спортски автомобили Porsche во првата половина од оваа година ги зголеми приходите за 14 отсто, на 20,4 милијарди евра, а добивката по оданочување за 10,3 отсто, на 2,77 милијарди евра.
Компанијата, која е во сопственост на концернот VW, во првата половина од годината на клиентите им испорача речиси 15 отсто повеќе автомобили отколку во истиот период минатата година.
Како што јави германската новинска агенција dpa, полугодишниот профит на Porsche позитивно ги изненади аналитичарите.
Како што рече финансискиот директор на Porsche, Луц Мешке, и покрај растот на продажбата, тие се соочуваат со предизвикувачки услови обликувани од зголемените трошоци. Тие се зголемија и поради зголемениот маркетинг на претставувањето на новата генерација на моделот Cayenne.
Планираат и зајакнување на инвестициите во производството на батерии за електрични автомобили. Како што објасни Мешке, тие сакаат да најдат надворешни инвеститори бидејќи се работи за финансиски исклучително обемни инвестиции.