Модернизирани лаборатории во функција на бизнисот

15

Во вториот квартал од оваа година македонските компании ќе може да ги користат услугите на најсовремените лаборатории што веќе функционираат во рамки на високообразовните институции и научноистражувачките центри.
Во вториот квартал од оваа година македонските компании ќе може да ги користат услугите на најсовремените лаборатории што веќе функционираат во рамки на високообразовните институции и научноистражувачките центри.
Како што соопшти денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, околу 40 лаборатории ќе бидат комерцијализирани, ставени во функција на бизнисот. Дел од нив се веќе акредитирани, а за 32 процесот на акредитација е во тек и треба да финишира до крајот на 2014.

Лабораториите ќе овозможат услуги за најразлични области, градежништво, енергетика, текстил, фармација, медицина, а целта е значително намалување на трошоците за стопанството, како и технолошки развој, иновации, поголема конкурентност и иновативност.

“На овој начин Владата дава дополнителна поддршка и можност за развој на домашните компании преку намалување на трошоците, поголема ефикасност и продуктивност со оглед дека досега најразличните испитувања и анализи се вршеа во странство што значеше повеќе пари за транспорт, загуба на време”, истакна Ѓорѓиев.

Анализите од Министерството за образование и наука покажуваат дека трошоците за анализа на пример на алат во земјава би чинеле 25 евра, додека во странство преку 100 евра.

Проектот за осовременување на 80 лаборатории во високообразовните институции и научноистражувачките центри Владата го почна во 2010 година. За оваа намена беа реализирани 26 милиони евра.