Мол негира дека го продава својот удел во Ина

40

Унгарски Мол ги негира пишувањата на некои хрватски медиуми дека води преговори за продажба на акциите во Ина, оценувајќи ги како потполно неосновани гласини.

Од Мол, кој поседува 49,1% од акциите на хрватската нафтена компанија Ина, повторуваат дека се долгорочно определени за Ина и дека веруваат во нејзината успешност.

Претходно, хрватските медиуми пишуваа дека Мол ги повлекол првите потези за можно напуштање на Ина и веќе ја ангажирал француската банкарска групација Societe Generale да им најде купец.

Можната продажба на сопственичкиот удел не е пожелна стратегија која Мол сака да ја спроведе во дело во Хрватска. Унгарската страна всушност би била најзадоволна кога од Владата би можела да ги откупи останатите акции на Ина. Таквото сценарио на Мол би му одговарало поради неговите стратешки енергетски интереси. Меѓутоа, ваквото сценарио е малку веројатно поради околностите околу пресудата на поранешниот хрватски премиер Иво Санадер и ставовите на хрватската влада.

Дури се пишуваше и дека стратешки, Мол би се свртел кон Словенија каде би се обидел да го преземе љубљански Петрол. Пред две години Мол презеде 19 бензински пумпи на Туш оил, па во случај на преземање на Петрол, на словенечкиот пазар ќе останат само два играчи, Мол и OMV.