Молчење

33

Вчера во разговор со еден пријател ми вели “од утре цела недела ќе молчам. Ептен ако морам ќе зборувам, но ќе се потрудам да молчам поголем дел од времето“. Сакал да вежба молчење и да види што ќе му се случи, бидејќи преку глава му било од зборување (и од негова страна и од сите други) без никаков ефект. Малку ми дојде чудно и невозможно, но си велам, ајде може ќе му успее бидејќи е музичар, тој зборува преку ноти, а не зборови. Во секој случај, му посакувам експериментот да му успее.

Молчењето како концепт и филозофија го промовираат и го практикуваат сите религии и световни лица уште од многу одамна. Но, да не навлегуваме во тие езотерични сфери туку да видиме што значи, во денешно време, едноставно да молчиме, т.е. да замолчиме.

Од комуникациски аспект, ние комуницираме (зборуваме) за да се разбереме. Но, дали се разбираме? Многу тешко! Ова се однесува на сите полиња од нашиот живот – на работа, со колеги, клиенти, соработници, дома, со фамилијата, пријателите, партнерите и сите околу нас. Некако со сите ни е проблем да се разбереме или барем многу често се наоѓаме во ситуација некој некого да не разбере или да сфати погрешно. Каде е причината за тоа?

Причини има многу. Тоа сега не е тема на дискусија. Mене повеќе ме интересира прашањето, бидејќи со зборување не се разбираме, дали ако молчиме можеби повеќе ќе се разбереме!? Некои велат дека молчењето е најдобриот и универзален јазик на планетава Земја.

“Музиката не е во нотите, туку во тишината помеѓу нив“ – Амадеус Моцарт 

Основниот проблем во комуникацијата (зборувањето) е тоа што ние не се слушаме, туку сите само сакаме да си го кажеме своето. За тоа највеќе е виновно нашето ЕГО. Тоа не дозволува да ги слушаме другите. Затоа, ако успееме да замолчиме, можеби повеќе ќе се слушаме, разбираме и ќе го намалиме недоразбирањето помеѓу нас.

Но, молчењето не е лесно. Тишината нè плаши. Кога молчиме нема ЈАС мислам. Нема его. Затоа и сите зборуваме. Бидејќи на тој начин се чувствуваме живи и забележани.

Во овој текст имам еден предлог за вас. Пробајте еден ден или дел од денот да не зборувате, т.е. да се воздржите да споделите ваш став, слика на ФБ, да вратите на некој коментар, да дадете критика (па, макар и позитивна), да изразите ваша желба, идеја или совет. Видете што ќе ви се случи! Направете самоанализа на емоционалниот и мисловниот процес што ќе се случи во вас.

Но, мислам дека и јас потрошив премногу зборови за да го објаснам концептот на молчење. Затоа, ќе замолчам до следниот неделен совет, а ќе се потрудам сам да го имплементирам овој совет во практика.

Со успех во промените.