Монетарната политика на ЕЦБ и каматите остануваат непроменети

44

Европската централна банка (ЕЦБ) одлучи да ги задржи каматните стапки и пандемиската програмата за стимулација на непроменето ниво и покрај тековните инфлациски притисоци. Одлуката за тоа дали и како да се прекине програмата за купување обврзници вредна 1,85 билиони евра (2,14 билиони долари), која влијае на 19 земји од Европската унија кои ја користат заедничката валута, еврото, ќе биде на дневен ред на ЕЦБ на нејзината декемвриска седница.

Тој стимулативен пакет ги намали трошоците за долгорочно корпоративно задолжување за да им помогне да го надминат периодот на заклучување и овозможи поевтино задолжување од владите чии трошоци нагло се зголемија поради мерките за финансирање за поддршка на националните економии и граѓаните за време на пандемијата. Се очекува стимулативната програма да трае најмалку до март 2022 година, или додека ЕЦБ не процени дека кризата со корона е завршена, но неодамнешниот пораст на инфлацијата предизвика контроверзии околу тоа дали да се напушти купувањето обврзници порано отколку подоцна.

ЕЦБ во септември објави дека ќе го намали купувањето на должнички хартии од вредност поради зголемената инфлација во еврозоната, која во септември достигна 3,4 отсто, што е највисоко ниво во последните 13 години и значително повисока од проектираната стапка на ЕЦБ од 2,0 отсто.