Монетарното злато “стопено“ за 15,6 милиони евра

108

Вкупните официјални девизни резерви заклучно февруари оваа година достигнаа ниво од 3.298.000.000 евра, што претставува намалување од 37,7 милиони евра во однос на јануари, покажуваат податоците на Народна банка.

На крајот на февруари лани, вкупните девизни резерви имаа вредност од 3.084.520.000 евра.

Државното монетарно злато на крајот на минатиот месец беше на ниво од 322.580.000 евра или 15,6 милиони евра помалку одошто во јануари оваа година. На крајот на февруари лани, монетарното злато во Народна банка вредеше 328,6 милиони евра.

Хартиите од вредност го заокружија февруари со салдо од 2,6 милијарди евра, еден месец претходно беа 2,5 милијарди евра, додека во февруари лани изнесуваа приближно исто.

Валутите и депозитите, според податоците на Народна банка, имаа вредност од 250,6 милиони евра на крајот на февруари.

Девизните резерви се дефинираат како средства коишто ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од монетарната власт, а служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс и/или за други цели. Останатите девизни средства се составени од девизните средства на централната банка коишто не ги исполнуваат основните критериуми за нивно вклучување во девизните резерви.

Фото: Pexels