Moodboard – огледало што ќе ви предложи каква облека ви стои

366
gl
Ненад Фидановски, сопственик на Глобал Нет (десно)

Vantastec Systems е македонско – германски старт-ап, со интересен производ – огледало пред кое кога ќе застанете, ќе ви даде предлог на облека што ќе ви стои и ќе може да видите реално како ви изгледа. За соработката со германскиот партнер и развојот на идејата, зборува Ненад Фидановски, сопственик на Глобал Нет.

БИ: Vantastec Systems е македонско – германски старт-ап. Како дојде до соработка со германски партнер?
Како и секоја компанија, така и ГЛОБАЛ НЕТ уште во почетокот на своето работење имавме цел да работиме за странски клиенти. Во текот на 2011 година, што значи по четири години од почетокот на работењето, почнавме да соработуваме со клиенти надвор од Македонија. Еден од нив беше и германската Веб-вирцхафт ГМБХ од Германија, чиј сопственик беше Карстен Децер. Успешните проекти што ги имавме со него во изработка на веб страни беше еден од клучните моменти да донесе одлука сопствената старт-ап идеја да ја реализира во Македонија. Покрај тоа, неговото лошо искуство со Индија придонесе да ја посети Македонија за прв пат во ноември 2014. Го запознавме со предностите за водење бизнис кај нас, цената на трудот и со тоа практично беше уверен дека во Македонија може да ја реализира својата идеја. Беше изненаден од состојбите во Македонија, за која имал претстава дека е една обична источна држава во која не може да има доверба. Многу брзо, во декември 2014 ја донесе одлуката да отвори своја фирма во Македонија, како дел од Vantastec Systems. Со тоа практично започна нашата соработка. Тоа што ме изненади е начинот на кој размислуваат младите во Германија. Целосно се вложуваат во сопствената идеја за старт-ап компанија и прават сè да ја реализираат.

1

БИ: Каков производ имате развиено?
Станува збор можеби за не толку иновативна идеја, колку за интересен бизнис концепт. Имено, се работи за Moodboard, огледало пред кое кога ќе застанете, ќе ви даде предлог на облека што ќе ви стои и ќе може да видите реално како ви изгледа. Практично позади ова стои софтвер кој ќе ве детектира, ќе ги пресмета параметрите како пол, висина, конфекциски број, евентуално марка што ја носите и од базата на податоци што ја има софтверот, да ви предложи облека која може да ја купите. Ова и не е така иновативно бидејќи можевме да видиме статии каде што кинески програмери работат со 3Д модели. Сепак, концептот на кој ние работевме има 2Д модели, кои се поевтини за изработка и првата идеја е овој производ да функционира во големи шопинг центри, каде има голема фреквенција на луѓе, на кои ќе може да им се пондуди интерактивна реклама од продавниците што ќе сакаат да се рекламираат.

3

БИ: Дали планирате овој производ да го пласирате на македонскиот пазар?

Имајќи ја во предвид големината на пазарот, производот планираме да го имплементираме прво на пазарот во САД следната година, потоа во 2017 во Европа, а во 2018 да почнеме со источниот пазар. Интересно е да се спомне дека за европскиот пазар планираме целото производство на уредите да биде во Македонија.

БИ: Со оглед дека се работи за старт-ап, како обезбедивте финансии за проектот?

За разлика од кај нас, инвеститорите во Германија се малку поотворени за соработка. Првичната мала инвестиција Карстен ја добил од стар бизнисмен во Германија. Тоа што за мене лично, а веројатно и за сите наши млади претприемачи вреди да се спомне е дека првичната верзија на бизнис планот имала 50-тина страници, за во моментот да има над 100. Практично преку овој бизнис план, германскиот бизнис ангел ја увидел сериозноста на идејата и посветеноста на младиот претприемач во нејзина реализација. Јас лично во Македонија не сум видел сериозен бизнис план од млад претприемач.

2

БИ: Со какви предизвици се соочивте во Македонија во реализација на идејата? Која е предноста да се соработува со странски партнер?

Иако водењето на бизнис во Македонија изгледа лесно, сепак постојат мали пречки во обезбедувањето на цела потребна документација. Чекорите за добивање на работна виза за Карстен беше подолга отколку што очекувавме како основач на компанија во Македонија. Иако фирмата беше отворена за една недела, потоа почнаа лавиринтите околу обезбедување документи од Агенцијата за вработување, преводи на документи, испраќање на сите документи во нашата амбасада во Германија, иако бевме преокупирани со изработка на софтверот. Сепак морам да напомнам дека имавме голема помош од агенцијата за привлекување на странски инвестиции, вработени во МВР и самата амбасада во Минхен.

Од искуството во работа со странски инвеститор, особено германски, можете да научите за нивниот менталитет, пристап кон работата и начинот на размислување. Иако се одеше по план, секогаш се очекуваше повеќе, да бидете концентрирани на проектот, нема заобиколување и импровизирање.

БИ: Кој е вашиот следен чекор?

Следна наша задача е да работиме на подобрување на проектот додека Карстен да најде нов инвеститор кој ќе продолжи да ја поддржува идејата. Потребно е да се дојде до поголема инвестиција со која ќе се усоврши софтверскиот дел и ќе почне првото производство наменето за пазарот во САД.