Москва ќе инсталира по 200 полначи за електрични возила годишно

16

Москва планира да го поттикне користењето на електрични автомобили со инсталирање на инфраструктура за нивно полнење во следните години, смета шефот на градскиот секретаријат за сообраќај, Максим Ликсутов.

Употребата на електрични автомобили во Москва, престолнина на земја што е богата со нафта и гас, значително заостанува зад останатите европски главни градови.

Но, Москва планира да инсталира 200 електрични станици за полнење секоја година, почнувајќи од 2022-ра година, пренесува Ројтерс.

“Во Москва сега има околу 2.000 електрични автомобили и нивниот број секоја година се зголемува за околу 10 до 15%. Мора да се работи на инфраструктура за полнење за да може тој раст да биде уште поголем“, додава тој.

Според него, природно е Москва, којашто има над 12,5 милиони жители, да го следи глобалниот тренд којшто во последните години доживеа вистински бум во поглед на користење на електричните возила.

Од проценетите 45 милиони автомобили што се возат низ Русија, само 11.000 биле електрични на почетокот на годината, кога на располагање биле околу 1.000 полначи.

Фото: Pexels