Москва предвидува дека цената на нафтата може да падне на 45 долари за барел

13

Според клучните показатели на стрес-сценариото на Министерството за економија на Русија за периодот од 2024 до 2027 година, цената на нафтата може да падне на 45,1 долар за барел, а курсот на доларот може да се искачи на 120 рубљи за долар.

Сценариото предвидува дека рускиот БДП може да падне на 0,2 отсто, дека инфлацијата може да достигне 7,0 отсто, а растот на реалните приходи на населението нема да надмине еден отсто. Ова е значително полошо од претходно претставеното основно сценарио, пренесува Комерсант, повикувајќи се на Ројтерс.

Според стрес-сценариото, цената на нафтата може да падне на 58,5 долари за барел во 2024 година, на 51,8 долари во 2025 година и на 45,1 долари во 2027 година.

Според основното сценарио, цената на нафтата ќе остане на ниво од 65 долари за барел три години. Сегашната цена на референтната нафта брент е околу 89 долари за барел.

Курсот на националната валута во најпесимистичкото сценарио на Министерството за економија годинава ќе ослабне на 97 рубљи за долар, на 106,9 рубљи за долар во 2025 година, а во 2027 година ќе надмине 120 рубљи за долар.

Според стресното сценарио, инфлацијата во 2024 година ќе биде на минатогодишното ниво од седум отсто, а во 2025 година нема да ја достигне целта на Централната банка на Русија (четири отсто) и ќе изнесува 5,3 отсто.

Според истото сценарио, растот на БДП ќе се забави на 1,5 отсто во 2024 година, наместо 2,8 отсто во основното сценарио и на 0,2 отсто наместо 2,3 отсто во 2025 година.

Инвестициите во постојан капитал во 2024 година ќе покажат речиси нула раст и ќе се намалат за 1,5 отсто во 2025 година, а растот на реалниот расположлив доход на населението нема да надмине еден процент.

Руското Министерство за економија одби да ги коментира податоците за стрес-сценариото, што ги објави Ројтерс.