Москва загуби околу 43 милијарди долари во девизи и злато

73

Банката на Русија продолжи да ја објавува структурата на девизните резерви. Заклучно со 1 март тие изнесуваат 574,2 милијарди долари, од кои средствата во странска валута се 410 милијарди долари, а монетарното злато е 135,6 милијарди долари. Процентуално, 23,6 отсто од руските резерви се во злато, а 71,5 отсто во странски валути.

Руската централна банка престана да ја објавува структурата на меѓународните резерви во март минатата година, откако значителен дел (околу 300 милијарди долари) од руските златни и девизни резерви беа блокирани во САД и Европа.

Во текот на годината обемот на резервите се намали за 42,886 милијарди долари, а учеството на девизи се намали за 0,9 отсто, пренесува Комерсант.

Гувернерката на Банката на Русија Елвира Набиулина претходно изјави дека рускиот финансиски систем ја покажа својата најдобра страна под санкциите. Таа истакна дека руските банки ги зачувале своите резерви и повторно почнале да заработуваат со променетите бизнис модели.

Набиулина не ја исклучи можноста за намалување на основната каматна стапка во тековната година. Во февруари, Централната банка на Русија ја задржа основната стапка на 7,5 отсто годишно, трет пат по ред.