МОТ предвидува благ пад на невработеноста во 2024 година

Невработеноста во светот ќе се намали во 2024 година, на 4,9 отсто, проценува Меѓународната организација на трудот (МОТ), благо намалувајќи ја проценката, со предупредување за нееднаквоста на пазарите на трудот, особено жените во земјите со ниски приходи.

Досега, МОТ предвидуваше стапка на невработеност од 5,2 отсто оваа година. Лани беше пет проценти, покажува извештајот.

Можностите за вработување сè уште се ретки, нагласува МОТ, проценувајќи дека оваа година 402 милиони луѓе залудно ќе бараат работа, од кои 183 милиони регистрирани невработени.

Немањето можности за вработување несразмерно ги погодува жените, особено во земјите со ниски приходи, нагласуваат тие. Тие наведуваат дека дури 22,8 отсто од жените во таа група земји не успеваат да најдат работа, наспроти 15,3 отсто од мажите. Во земјите со високи приходи, процентот на жени кои не успеваат да најдат работа е 9,7 отсто, а 7,3 отсто мажи.

Оваа разлика е само мал дел од проблемот, бидејќи значително повеќе жени немаат пристап до пазарот на труд во споредба со мажите, пренесува Хина. Разликата во стапките на вработеност на жените и мажите во голема мера може да се објасни со семејните обврски, додаваат тие.

Годинава 45,6 отсто од работоспособните жени и 69,2 отсто од работоспособните мажи во светот ќе бидат вработени, пресметаа тие.

Дури и кога работат, жените обично заработуваат многу помалку од мажите, особено во земјите со ниски приходи каде што 44 центи на жената се еднакви на машкиот долар. Во земјите со високи приходи разликата е 73 центи за долар.

Борбата против сиромаштијата и неформалните облици на работа е ослабена во однос на претходната деценија, предупредуваат тие, оценувајќи дека годинава неформално ќе се вработат две милијарди луѓе, наспроти 1,7 милијарди во 2005 година.