Мотивација од тимот!

59

tim

Фото: Pixabay

(Посветено на целиот тим на Македонија-Експорт)

Да се живее и да се работи во вакво опкружување, воопшто не е лесно, а речиси невозможно да се твори и да се креира што било спектакуларно. Не навлегуваме, зошто, како, кој, колку итн., едноставно сите нè засега и нè погодува неизвесноста во која живееме. Ваквата состојба само може да не повлече надолу и целосно да нè демотивира за покренување на каква било акција или проактивност, од наша страна. А, дури може и да нè фрли во целосна апатија.

Минатата недела, додека се подготвував за на работа, си велам: треба да им кажам на тимот, ајде сега дајте го најдоброто од вас и сработете ги најдобро вашите обврски! Но, како да ги мотивирам нив кога јас самиот сум целосно демотивиран и не се чувствувам дека можам да им пренесам каква било позитивна енергија. Човек опкружен со негативни влијанија и енергија (а таа е насекаде околу нас) не може да остане имун и да не ја прифати таа негативна енергија.

Постои еден начин на мотивација, односно самомотивација. Но, тоа е потешкиот начин на мотивацијата, а посебно во ваква состојба на општ хаос. Вториот начин е мотивација и собирање на позитивна енергија од околината. Овој викенд, цел тим бевме на стратешки семинар надвор од градот. Покрај тоа што си поминавме прекрасно и сработивме нешто и за фирмата, она што за мене беше многу важно е тоа што јас се вратив со позитивна енергија и оптимизам. Сето тоа е резултат на моите драги колеги и ним им ја должам целата заслуга за враќање на мојата волја и мотивација и да продолжам да го давам најдоброто од себе. Тие ја победија мојата состојба со тоа што ми ја пренесоа и ме контаминираа со нивната позитивна енергија.

Во ситуација кога ви е тешко, кога не знаете како да се справите со некои ситуации и се чувствувате целосно демотивирани, понекогаш е најдобро да се свртите кон вашиот тим. Вашиот тим може да биде тимот на работа, тимот дома, тимот на пријатели, фамилија. Опкружете се со луѓе што ве прават среќни, кои ве охрабруваат и ви побудуваат убави чувства. Ако не можете сами да се снајдете, најдобро е понекогаш да се свртите и да побарате помош од другите. Искористете го џокерот „помош од пријател”.

Со успех во промените.

Ако имате прашање за Петар Лазаров, можете да го поставите на Бизнис советник.