Можат ли пристојните луѓе да бидат успешни?

498

Што треба да поседува еден човек за да биде пристоен и успешен? Најверојатно треба да умее да направи баланс на своето знаење, карактер, искуство, комуникација со луѓето. Од една страна, пристојноста не значи лажна скромност, туку доблест да се почитува, да не се повредуваат луѓето, да не се носат одлуки по секоја цена, да се има разбирање, да се даде безрезервна поддршка… Од друга страна, успехот, пак, не значи дека треба да се “гази“ немилосрдно сè она што стои на патот.

Рамнотежата лежи во карактерот, однесувањето и воспитувањето на секој од нас.

Пристојните луѓе се одмерени и учтиви. Учтивоста е знак на добро воспитување, знак за почит и големина на личноста што така се однесува. Да се биде пристоен не значи да се биде без глас, без да има потреба да се истакнува или премногу гласно да зборува за да го привлече целото внимание на себе.

Умерениот тон со којшто им се обраќате на колегите, соработниците, партнерите… одмерениот став, учтивиот начин на комуникација се доказ дека пред себе имате личност која е свесна за своите потенцијали, можности, но и доволно самокритична за секоја ситуација.

“Ве молам“, “Благодарам“, “Извинете“ се фрази што некако се подзаборавени, искоренети од употреба, како да се преполни со бактерии. Токму овие фрази ги има во речникот на секој пристоен лидер, кој гордо и силно чекори на патот кон успехот.

Затоа, ако работата од вас бара да бидете лидер, шеф или претпоставен, тогаш не “летнувајте во облаци“, туку бидете учтиви и добронамерни кон сите.

Фото: Pexels