Можно решение за кризата со снабдување: Контејнери што се склопуваат (ВИДЕО)

146

Една третина од светскиот транспорт на контејнери се одвива со празни контејнери, оние што се враќаат во нивните појдовни пристаништа за да се полнат за следниот транспорт. Тоа значи дека околу 100 милиони празни контејнери се транспортираат годишно ширум светот. Освен што ја задушува и забавува светската трговија, оваа практика транспортната индустрија ја чини околу 20 милијарди долари годишно.

Забавувањето на светската трговија беше особено очигледно во последните месеци, кога сообраќајниот метеж и намален проток во многу пристаништа доведоа до недостиг на сè – од автомобили, електроника до, на пример, храна за бебиња во САД.

Стартапот Staxxon од Њу Џерси сега мисли дека има делумно решение за овој проблем. Нивната иновација е склопувачки транспортен контејнер, кој се компресира како хармоника кога е празен. Ова овозможува до пет од нив да се транспортираат во просторот на еден празен контејнер. Освен што ќе го забрза транспортот на празните контејнери, ваквата заштеда ќе ги намали и емисиите на стакленички гасови и ќе го поевтини транспортот. Пронаоѓачите на ова решение велат дека ова е најголемата иновација откако стандардниот логистички контејнер е патентиран во 1956 година.

Самиот контејнер Staxxon е дизајниран пред повеќе од десет години, но дури сега, се чини, е време за иновации и комерцијализација. Компанијата отвори пред-нарачки, при што е потребно да се плати депозит од 100 долари за секој нарачан контејнер. Нивниот план е да започнат со масовно производство до крајот на оваа година.