Можност за избор на стартните броеви за Виз Ер Скопски маратон 2017

28

Иако 2016-та година сѐ уште не е завршена, организаторите на Виз Ер Скопски Маратон за претстојната спортска манифестација, којашто ќе се одржи на седми мај, 2017, внесуваат интересен новитет за најбрзите заинтересирани кои ќе се пријават да учествуваат во некоја од трките.

На програмата се четири трки: маратон, полумаратон, штафетен маратон и трка на пет километри.

“Вратите”за онлајн пријавувањето на маратонот ќе се отворат на 26-ти октомври во 08:45 часот наутро на веб страната skopskimaraton.com.mk, а сите заинтересирани ќе имаат ексклузивна можност да го одберат својот омилен број. Изборот на стартниот број ќе се одвива при процесот на онлајн регистрација, и во овој период плаќањето ќе може да се изврши само со плаќање преку онлајн системот. Овој прозорец на слободен избор ќе трае само до 27-ми октомври, до 23:59 часот, пред полноќ. По завршување на промотивниот период, стартните броеви веќе нема да може да се избираат по слободен избор, туку ќе бидат автоматски доделувани преку системот за регистрација.

Пријавувањето и регистрацијата за Виз Ер Скопски Маратон 2017 ќе може да се изврши преку официјалната веб страна на Виз Ер Скопскиот Маратон, http://skopskimaraton.com.mk/ како и преку партнерот за онлајн регистрација на Виз Ер Скопски Маратон, www.smartrace.club. Како и секогаш, брановите за регистрација и оваа година ќе бидат распределени во повеќе етапи а првиот завршува на 30-ти ноември, потоа цените ќе се зголемуваат на секои два месеци.

Предноста од пријавувањето во раните периоди е тоа што цените за маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон и трката на пет километри се пониски за разлика од подоцнежните рокови за пријавување.

Можноста да се одбере својот стартен број од броевите коишто ќе бидат понудени за секоја од трките, е ретка можност за секој учесник да учествува на претстојното издание на Виз Ер Скопски Маратон со број кој претставува и симболизира нешто вредно и значајно за истиот.

И оваа година, при регистрацијата сите кои во 2016 не ја искористиле можноста за бесплатна регистрација, а биле пријавени на маратонот, полумаратонот или на штафетниот маратон во 2015, ќе можат да побараат купон за бесплатна регистрација и истиот да го искористат за регистрација за трките во 2017 година.