Можности за финансирање на развој на компаниите

37

IMAG0057

Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, во рамките на Програмата за претприемачи во Пелагонискиот регион одржа настан на тема Финансирање на развојот на вашата компанија.

Претприемачите од овој регион се запознаа со можностите на финасирање на своите компании и при размената на искуства беше констатирано дека кога станува збор за извори на финансирање, од сите можности што се расположиви во земјава, преовладува банкарскиот систем.

“Кредитот е еден од начините за финансирање на компаниите. Ние, Прокредит банка, одлучивме да финансираме мали и средни претпријатија. Еден од начините на финансирање е природно, со самата заработка, но тоа оди многу бавно. Друг начин е да најдете инвеститори, што покрива дел од ризикот, но од друга страна инвеститорот има учество и во добивката. Со финансирање со кредит си останувате сопственик на бизнисот и на крај плодовите од бизнисот ги прибирате самите. Ние како банка го негуваме традиционалното банкарство и имаме индивидуален пристап, значи кон секој клиент пристапуваме посебно”, вели Предраг Милошевски, директор на Прокредит Банка, Експозитура Скопје.

Освен традиционални банкарски кредити, постојат и алтернативни извори на финансирање.

“Не секое финансирање е соодветно за секоја фирма. При основање на фирма, обично се почнува со сопствени средства. Понатаму, доколку целата идеја функционира, потребни се дополнителни средства. Следува задолжување со позајмени пари од пријатели и роднини, но и тоа има граница. Се јавува нова потреба од средства и пред да дојдеме до банкарски кредити, најидеално за секоја фирма би било да се финансира од алтернативни извори – бизнис ангели, преку venture capital фондови или equity фондови, како што е нашиот”, вели Виктор Мешков, заменик директор во СПМГ Капитал.

Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија има за цел да го поттикне развојот на претприемачите и нивните претпријатија преку размена на искуства, советувања, поддршка при извоз, промоција и инвестици. Проектот е имплементиран од Центарот за развој на менаџери и претприемачи ЦЕЕД Македонија.