Проектот на USAID за практикантска работа и вработување на лица со попреченост, денеска во Скопје, ги презентираше резултатите од истражувањето за вработување на лицата со попреченост во приватниот сектор, спроведено од здружението Конект. Истражувањето обезбеди информации за потенцијалите и можностите за зголемување на вработувањето на лицата со попреченост во бизнис секторот.
“Овој проект се залага за обезбедување на еднакви можности за лицата со попреченост, како и за сите останати лица. Со ова истражување добивме релевантни информации за предизвиците и пречките со кои се соочуваат компаниите при процесот на вработување на лицата со попреченост за соодветно да ги насочиме нашите идни активности“, изјави Лидија Дамческа, проектен менаџер на Проектот на USAID за практикантска работа и вработување на лица со попреченост.
“Резултатите од истражувањето покажаа дека поголемиот дел од компаниите не се свесни за потенцијалите на лицата со попреченост и не се информирани за бенефициите кои ги нуди Законот за вработување на инвалидни лица. Истовремено, истражувањето покажа и дека постојат можности за зголемено учество на лицата со попреченост како активна работна сила во приватниот сектор. Првиот чекор кој треба да се преземе е фокусиран и координиран пристап на институциите и граѓанските организации за информирање на бизнис заедницата и подигнување на јавната свест за способностите на лицата со попреченост“, изјави Никица Кусиникова, извршен директор на здружението Конект.
Проектот на USAID за практикантска работа и вработување на лица со попреченост ја поддржува имплементацијата на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост во Македонија. Проектот им помага на лицата со попреченост да се вклучат во општеството преку подобрување на нивните вештини за вработување со обуки за пишување на резиме и подготовка за интервју за работа, им нуди можности за практикантско ангажирање, како и работилници за како да започнат и да водат сопствен бизнис.
Проектот е наменет за лицата со попреченост од полошкиот, скопскиот и северо-источниот регион од Македонија и е имплементиран од Моја кариера во Скопје, во партнерство со Хендимак во Тетово и Порака нашаво Куманово.
Досега, преку Проектот се обучени 239 лица со попреченост на тема “Стратегии за барање работа”, 14 лица ја посетија дводневната обука за претприемништво, 130 претставници од различни компании и институции се обучени за менторско водење на лица со попреченост, а вработени се 61 лице со попреченост.