Мрачен почеток на годината за Германците: Компаниите не гледаат подобрување најмалку половина година

Деловното расположение на компаниите во Германија е малку подобрено во однос на декември, но целокупната атмосфера и понатаму е песимистичка, се заклучува во извештајот за јануари од минхенскиот институт за економски истражувања ИФО.

Индексот за мерење на деловното расположение на германските компании се зголеми во јануари од 84,7 поени во декември на 85,1 поен, пред сè поради попозитивната оценка за актуелната состојба.

Компаниите во Германија ја оценија нивната моментална состојба како подобра од минатиот месец, но нивните очекувања за развој на бизнисот во следните шест месеци се уште попесимистички, се вели во соопштението.

Значително зголемување на деловното расположение е забележано во услужниот сектор, состојбата во трговијата е непроменета, а пад на расположението е забележан во градежништвото и преработувачката индустрија.

Според сегашната прогноза на Бундесбанк, германската економија ќе порасне за скромни 0,2% оваа година и благо ќе забрза до 0,8% во 2026 година и 0,9% во 2027 година.

Германската економија се бори не само со постојаните економски пречки, туку и со структурните проблеми, изјави претходно претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел.

Како што е наведено, германската индустрија е извозно ориентирана и под притисок да се прилагоди на промените како што се повисоките цени на енергијата, транзицијата кон јаглеродно неутрална економија или стареењето на населението.

Истовремено, банката предупреди на дополнителни ризици за германската економија, како што е најавеното воведување царини во САД по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа.