Мудис го стави на ревизија кредитниот рејтинг на Израел

10

Њујоршката рејтинг агенција Мудис објави дека го ставила на ревизија кредитниот рејтинг на Израел (А1) поради конфликтот со милитантите на Хамас.

Мудис соопшти дека ќе го разгледа времетраењето и обемот на конфликтот и како тој влијае врз економијата, институциите и јавните финансии на Израел, а прегледот би можел да трае подолго од вообичаените три месеци.

– Кредитниот профил на Израел покажа отпор кон терористички напади и воени конфликти во минатото, но сериозноста на сегашниот воен конфликт ја зголемува можноста за подолгорочно влијание врз кредитниот рејтинг – се вели во соопштението на Мудис.

Намалувањето на кредитниот рејтинг на Израел може да ги зголеми трошоците за задолжување исто како што земјата се подготвува за конфликти кои би можеле да се претворат во долготрајна војна.