Мукаетов дел од собирот на бизнис лидери и политичари од ЈИЕ

46

zivko mukaetov

Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид, Живко Мукаетов, и годинава е дел од четвртиот собир на успешни бизнис лидери и политичари од Југоисточна Европа: Самит 100 – Договор за новата ера, пишува Миа.

Во рамки на Самитот кој годинава се одржува во Порторож, Словенија, Мукаетов, заедно со Ивица Мудриниќ од Дојче Телеком го модерираа панелот со градоначалниците на четири регионални метрополи – Љубљана, Сараево, Загреб и Подгорица.

Во рамки на пленарниот панел насловен Паметни градови за одржлив развој: Претворање на регионалните метрополи во попаметни иновативни центри, челниците на четирите главни градови ги споделија своите искуства, презентирајќи ги реализираните и тековните проекти во напорот да го зголемат одржливиот развој на метрополите со кои управуваат. Градоначалниците на Љубљана и Загреб, кои како градови предничат во регионот во однос на исполнување на целите за одржлив развој, во текот на панелот имаа конструктивна дискусија околу дополнителните ресурси (капитални и човечки), кои би им биле потребни со цел да ги направат градовите поекономични, поефикасни и попријатни за живеење за граѓаните.

“Како член на управните одбори на неколку еминентни економски институции во Македонија и надвор од нејзините граници, но и како директор на Алкалоид, компанија која успешно извезува во над 30 земји во светот, сметам дека настаните од овој тип се од огромно значење за промовирање на регионалната соработка и унапредување на бизнис операциите. Токму можноста за поврзување и заедничко дејствување на државите и компаниите од регионот, му даваат додадена вредност на овој меганастан. За полесен и поуспешен пристап до нови надворешни пазари, на компаниите им е неопходно здружување“, вели Мукаетов.

Според него, Самит 100 е одлична иницијатива за остварување на овие цели, а во исто време и солидна платформа за структуирање на развојни програми кои регионот би го донеле чекор поблиску до исполнувањето на мисијата за градење на моќна бизнис заедница која би била генератор на поголем економски раст.

Самитот продолжува и во текот на денешниот ден, со теми од секторот банкарство и финансии, туризам, подобрување на конкурентноста на компаниите, зголемување на извозот и заеднички настап на регионалните компании на трети пазари.