На 15 мај Македонија ќе ги добие првите полимерни банкноти

22

Народната банка на Република Македонија за првпат воведува полимерни банкноти. Банкнотите изработени од полимер, со апоенска вредност од 10 и 50 денари, на 15 мај годинава влегуваат во оптек. Многумина граѓани прашуваат: Зошто токму полимер? Многумина се интересираат и зошто полимерот е подобро решение од хартијата изработена од памучни влакна.

Еве ги одговорите на централната банка.

Подолг животен век на банкнотите

Полимерот не се оштетува лесно, што не е случај и со хартијата, па затоа полимерните банкноти имаат многу подолг животен век од хартиените. Анализите покажуваат дека животниот век на банкнотите изработени од полимер е подолг за 2,5 до 3 пати, а во некои случаи и за 4 пати од оној на банкнотите изработени од хартијата во чијашто основа се памучни влакна.

Полимерните банкноти не може лесно да се скинат при секојдневна употреба, ниту, пак, може лесно да се оштетат при допир со вода, а се и неколкукратно поотпорни на влага во споредба со хартиените.

Мошне важно, супстратот од којшто се изработуваат полимерните банкноти спречува апсорпција на нечистотија, со што овие банкноти не само што имаат подолг животен век од хартиените, туку се и похигиенски за употреба од страна на граѓаните.

Покрај тоа што долгиот животен век на банкнотите изработени од полимер има прагматична вредност при нивната секојдневна употреба од страна граѓаните, дополнително се очекува дека со пуштањето во оптек на полимерните банкноти, во иднина, потребата од нови изданија со иста апоенска вредност ќе биде многу помала. Тоа значи заштеда и на ресурси и на средства.

Поголема безбедност

Изработувањето банкноти од многу тенка, флексибилна пластична фолија овозможува нивниот дизајн да содржи безбедносни карактеристики и заштитни знаци коишто не може масовно да се репродуцираат со употреба на воспоставените техники за фалсификување банкноти. Меѓу другото, полимерните банкноти како заштитен знак можат да содржат и транспарентен прозорец, што не е возможно кај банкнотите од хартија изработена од памучни влакна.

Грижлив однос кон животната средина

Не еднаш е речено дека при производството на банкноти од полимер, не само што се редуцираат трошоците на централната банка, туку се придонесува и за заштита на животната средина. Истражувањата потврдуваат дека банкнотите изработени од полимер се поеколошки од оние коишто се изработени од хартија. Меѓу другото, на крајот на животниот циклус на парата, доколку е изработена од хартија, таа се поништува, се реже и остатоците се носат на депонија, односно се горат, додека доколку е изработена од полимер, по режењето, таа се рециклира заради нејзино натамошно користење за добивање материјал од којшто се изработуваат пластични предмети за секојдневна употреба. Анализите покажуваат и дека полимерните, за разлика од хартиените банкноти, се енергетски поефикасни во процесот на изработка. Исто така, фактот што банкнотите изработени од полимер имаат помала тежина од хартиените придонесува нивниот транспорт и нивната дистрибуција да се посоодветни за зачувување на животната средина.

Коректен однос кон лицата со оштетен вид

Полимерот овозможува на банкнотите да има втиснати ознаки во вид на издигнати точки, коишто се корисни за распознавање на различните апоени од страна на лицата со оштетен вид. Општествената одговорност којашто ја имаат централните банки, како и многу други институции, меѓу другото, подразбира и коректен однос кон овие лица, во рамки на институционалните надлежности. Со пуштањето во оптек на новите банкноти од 10 и 50 денари изработени од полимер, Народната банка на Република Македонија ќе се обиде да направи чекор повеќе во градењето и развивањето на таквиот однос кон овие лица, во рамки на своите надлежности.

За крај…

Со употреба на полимерни банкноти се започнува во 1988 година, и тоа во Австралија. Денес, полимерни банкноти се употребуваат во над 20 држави, меѓу кои, покрај Австралија се и Канада, Велика Британија, Нов Зеланд, Малдиви, Брунеи, Романија итн.

Од 15 мај годинава, Република Македонија ќе биде на мапата на државите чијашто централна банка има започнато процес на полимеризација на банкнотите на националната валута. Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии банкноти со пониска апоенска вредност, коишто се и најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции, се изработени на најсовремен начин и од најсовремен материјал.