На 27 јануари второ извлекување за Фискална во рака – награда без мака

12

marka-1- На 27-ми јануари ќе се одржи второто извлекување од наградната игра Фискална во рака – награда без мака. Право на учество имаат сите фискални сметки издадени по 15 ноември, кога почна наградната игра, а ќе може да се испратат по пошта за половина цена, поточно по осум денари за плик. За таа цел Македонски пошти изработи наменски марки за наградната игра кои се пуштени од вчера во промет, а чинат осум денари.

И за второто извлекување ќе биде поставен пункт за пуштање на пликовите, а како што информираше министерот за финансии Зоран Ставрески, се водат и разговори за поставување пунктови во поголемите трговски центри и маркети не само во Скопје, туку и во другите градови во земјата.
Според генералниот директор на Македонски пошти Рафиз Алити, одлуката за издавање марка е со цел да се придонесе за реализацијата на наградната игра. Тој посочи дека за првото извлекување преку поштата биле испратени над 300.000 пликови за наградната игра.
Во второто извлекување главната награда е автомобил фолксваген поло, а има и 150 парични награди од 1.000 до 60.000 денари. Граѓаните можат да ги испраќаат пликовите до 26. јануари на полноќ.
Наградната игра почна на 1. декември, а првото извлекување се одржа на 30 декември кога главна награда беа стан и дуќан во Скопје. Наградната игра ќе има вкупно девет извлекувања.
Приредувач на наградната игра Фискална во рака – награда без мака е Државната лотарија на Република Македонија, под покровителство на Министерството за финансии.