На Европа итно ѝ требаат големи воени компании

17

Извршниот директор на Рајнметал, Армин Пејпергер, ги повика европските земји да изградат поголеми, поспецијализирани одбранбени компании за да се натпреваруваат со американските ривали.

Тој посочи дека доколку Европа сака поблиска соработка во областа на одбраната, земјите мора да се специјализираат за различни видови воена технологија.

„Нема многу смисла ако, да речеме, ја избереме втората или третата најдобра технологија затоа што една нација ја сака. Ни требаат големи компании во Европа“, рече тој за Фајненшл тајмс.

Според него, доколку Доналд Трамп стане претседател на САД, „притисокот ќе биде поголем“ врз Германија, но трката за обнова на воената сила на земјата ќе продолжи без оглед на тоа кој ќе заврши во Белата куќа.

„САД повеќе се фокусираат на азиско-пацифичкиот регион отколку на Европа. Ако „ситуацијата со висок ризик“ во регионот предизвика целосен вооружен конфликт, САД ќе се фокусираат на Азија, а потоа Европа ќе биде целосно сама. “ изјави директорот на најголемиот германски производител на оружје и муниција.

Како што наведе Папергер, европските лидери во последните децении си сфатија ‘здраво за готово’ дека САД ќе ѝ помогнат на Европа во случај на воена закана, но посочи „тоа нема да се случи“.

„САД, каде што републиканските конгресмени ја блокираа воената помош за Украина, испратија многу јасна порака: „не плаќаме повеќе за вас“,“ подвлече Папергер, додавајќи дека американските одбранбени капацитети се соочиле со сопствени предизвици, вклучувајќи ја и растечката политичка поларизација.

Тој додаде дека огромна задача повеќе за идниот американски претседател е да ги поврзе двете партии.

„Лошо е ако најголемата економија во светот и најголемата одбранбена сила е поделена нација“, истакна директорот на „Рајнметал“.

Папергер потсети дека Рајнметал“ идната година ќе произведе 700.000 гранати – во споредба со 70.000 годишно пред  2022 година – благодарение на инвестициите во нови производствени линии „пред војната да се врати во Европа“.

„Отсекогаш сметав дека животот е опасен и дека светот е опасен. Затоа рано инвестиравме во Унгарија, Австралија и во Велика Британија. Локализацијата и растот на производствените капацитети во многу земји беа важни за идните нарачки“, рече Папергер, кој е во „Рајнметал“ од 1990 година.

Компанијата со седиште во Дизелдорф, основана во 1889 година, соработуваше со Русија сè додека германската влада не ја повлече дозволата за извоз во 2014 година, откако Кремљ го анектираше украинскиот полуостров Крим.

По руската инвазија на Украина во 2022 година, цената на акциите на „Рајнметал“ се зголеми повеќе од пет пати и компанијата очекува дека до крајот на 2024 година ќе има заостанати нарачки во вредност од 60 милијарди евра од членките на НАТО и од нивните сојузници.

Папергер продаде акции во вредност од речиси 5 милиони евра минатиот месец – нешто повеќе од 6 отсто од неговиот вкупен капитал во компанијата. Минатата година Рајнметал го презеде шпанскиот ривал „Екпал“ за 1,2 милијарди евра, консолидирајќи ја својата водечка позиција во синџирот на снабдување со муниција.