На Македонија ќе и бидат достапни 600 милиони евра од ИПА II

41

Делегацијата на Европската комисија и Секретаријатот за европски прашања вчера во Скопје одржаа информативен состанок на тема „Промоција на регулативите на ИПА II (2014-2020)“. Вкупната висина на средства, кои ќе и бидат на располагање на Република Македонија со Инструментот за претпристапна помош II, изнесува приближно 600 милиони евра.

На присутните им се обрати и заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Фатмир Бесими, кој истакна дека во последните неколку месеци, се работело на два паралелни процеси: имплементација на тековната ИПА и програмирање на ИПА II.

„Програмата опфаќа дефинирање на приоритетите за идните финансирања преку ИПА II, во Националниот стратешки документ на земјата“, рече Бесими.
Тој нагласи дека иако овој документ е сопственост на Европската комисија, Владата вложува огромни напори за да придонесе во овој документ, преку постоечките работни групи и структури кои се веќе воспоставени за ИПА I.
На состанокот присуствуваа околу 100 преставници од над 30 Министерства и институции корисници и потенцијални корисници на ИПА фондовите.
Експерти од службите на Европската комисија ги претставија сите значајни аспекти на ИПА II, информираа и разговараа со присутните за регулаторната рамка, видот и опфатот на помошта, процесот, методологијата и новата рамка на  програмирање, видот на програми и финансирањето, процесот на имплементација и сите останати релевантни теми.