На претприемачите им треба повеќе од капитал да ги растат своите бизниси

17
peter righi
Питер Риги, ко-основач и глобален директор на ЦЕЕД

Питер Риги е ко-основач и глобален директор на ЦЕЕД (Center for Entrepreneurship and Executive Development) кој повеќе од 14 години работи на економскиот развој и иницијативите во приватниот сектор во пазарите во развој. Пред да го основа ЦЕЕД, Питер раководеше со секторот за развој на бизнисот во СЕАФ (Small Enterprise Assistance Funds), чија задача беше надгледување и спроведување на директна консултација и техничка поддршка за сите компании од протофолиото на СЕАФ. Тој работеше директно со инвестициски компании со цел да развие и продаде производи и услуги со додадена вредност во западните пазари за извоз.

Која е приказната за ЦЕЕД? Кои беа најдобрите моменти за паметење во изминативе десет години?

Изминативе 10 години беа навистина возбудливи. Во првите години потрошивме многу време додека да сфатиме што им треба на претприемачите и како тоа да им го дадеме на начин што ќе одговара на нивниот густ распоред. Со оглед на тоа дека ЦЕЕД произлезе од инвестициска компанија, СЕАФ, веќе имавме доволно искуство со претприемачи насочени кон развој и дознавме што е потребно да се подигне бизнисот на едно повисоко ниво. Но, она што го научивме низ годините е тоа дека претприемачите имаат корист од приклучување на друга мрежа од претприемачи каде можат да добијат поддршка во и надвор од работното место. Имам толку многу моменти за паметење од ЦЕЕД, на пример неодамна однесовме група членови на ЦЕЕД Глобал во Њујорк и се сретнавме со лидери, експерти во своето поле, вклучувајќи го и Ерик Шуренберг, и јас бев толку инспириран не само од оние што ги сретнавме, но и од оние што дојдоа на патувањето и ги кажаа своите приказни за тоа како ги развиле своите компании во предизвикувачки средини.

Кажете ни малку повеќе за вас. Што најмногу ве мотивира во работата?

Кога го започнав ЦЕЕД пред 10 години немав идеја колку може да биде возбудливо работењето со претприемачи. Секојдневно сум инспириран од нашите претприемачи кои постојано работат на тоа да ги подобрат животите во нивните заедници, да ги развијат своите бизниси и покрај фактот што работат во средини со ограничени ресурси и се трудат да го променат постоечкиот статус кво со своите нови идеи и концепти на нивните пазари.

Од каде дојде идејата за основање на ЦЕЕД?

peterВо СЕАФ научивме дека освен капитал, на претприемачите им требаат и други работи за да го развијат својот бизнис. Повеќето од нив ќе речат дека парите се нивниот најголем проблем, но стратегијата за развој на бизнисот е исто толку важна и не е лесно истата да се направи, како што се мисли. Не постојат јасно одредени инструкции и честопати претприемачите треба сами да донесуваат одлуки. Решивме да го основаме ЦЕЕД пред 10 години во Софија за да им помогнеме на претприемачите во донесувањето на одлуки. Започнавме со обуки на тема технички содржини од типот како да ја подобрите продажбата, да развиете маркетинг план и да го изградите својот бренд, но набрзо увидовме дека заедницата на претприемачи е исто толку важна колку и предавањата што ги одржувавме. Затоа се фокусиравме на изградба на такви заедници не само во земјата, туку и надвор од неа.

Што е она што ЦЕЕД им го дава на бизнисите, а сличните организации не можат?

Уште еднаш ќе потенцирам дека нашата заедница е тоа што нè прави посебни. Имаме динамична мрежа на претприемачи од целиот свет коишто меѓусебно се поддржуваат и имаат пристап до ресурси до коишто не би можеле да дојдат на друг начин.

Носиме претприемачи и во Силиконската долина со цел да научат како се создава иновативна култура во една компанија, организиравме конференција во Казабланка, Мароко за претприемачите да видат како се работи во другите делови од светот и постојано поттикнуваме Б2Б средби за нашите претприемачи да можат да се сретнат со другите од мрежата, да остварат бизнис соработка, но и да споделат приказни.

Што го прави бизнисот успешен?

Секој бизнис има различни потреби во различни етапи на неговиот животен циклус. На почетокот енергијата и волјата на претприемачот можат да ја придвижат компанијата од стартната точка, секако ако идејата е добра. Штом компанијата ќе дојде до одреден стадиум, претприемачот треба да имплементира системи и процеси за да го помогне понатамошниот раст. Способноста на претприемачите да разберат што им треба на нивните компании во дадениот момент е тоа што го поттикнува успехот. Ова е многу потешко отколку што звучи. Понекогаш е тешко да ја видиш шумата пред да ги забележиш дрвјата, а ние во ЦЕЕД им помагаме на претприемачите да го видат/направат токму тоа.

Какви успешни бизнис приказни ве инспирираат вас? Можете ли да ни посочите некои од нив?

Ова е тешко прашање. Ги има многу! Лично се инспирирам кога ќе видам како претприемачи од различни делови од светот заеднички можат да придонесат за нешто, иако можеби на прв поглед истото изгледа неважно. Кога го основаваме нашиот центар во Тунис, решив да поканам претприемач од Србија да ги сподели предизвиците што ги има со своите вработени и да каже како го променил својот бизнис модел. Прептриемачите од Тунис воопшто не очекуваа дека неговата приказна ќе биде толку слична со нивната проблематика. Секако многу се радувам кога ќе слушнам за постигнат успех од нашите членови, особено кога истите ќе дадат и свој придонес во заедницата со текот на времето, во смисла на поддршка за нивните колеги.

12717603_1089760737747987_2363272622232238423_n

Што ќе им порачате на луѓето што ќе дојдат на Глобалната конференција на ЦЕЕД годинава?

Дојдете со отворен ум и со многу бизнис картички. Составивме многу интересна листа со говорници кои ќе ги поттикнат луѓето да размислуваат за иднината, но исто така се надеваме дека сите што ќе дојдат на конференцијата ќе имаат можност да се поврзат со други претприемачи од мрежата и од Бугарија. Целта на нашите настани е да се постигнат три работи: да им се помогне на претпримачите да ги прошират хоризонтите на размислување, да се искористи мрежата за развој и претприемачите да научат како заедницата на ЦЕЕД и нејзините услуги можат да им помогнат во нивното претприемачко патешествие. И токму за тоа се залагаме и ние во ЦЕЕД– подобрување на животите преку претприемништвото.

Интервјуто е објавено на ceedglobalconference.com.