На секој втор човек во светот му се намалени приходите поради пандемијата

21

На секое второ лице во светот му се намалиле приходите поради пандемијата на коронавирусот, а луѓето во сиромашните земји се особено погодени со загуба на работното место и скратување на работното време, покажа истражување на Галуп објавено денеска.

Во истражувањето учествувале 300.000 луѓе од 117 земји, а резултатите покажаа дека половина од оние кои имаат работа заработиле помалку поради пандемијата.

Тоа значи дека пандемијата погодила 1,6 милијарди возрасни низ целиот свет.

Во целиот свет тие проценти се движеа од 76% во Тајланд до 10% во Швајцарија, соопшти Галуп.

Во Боливија, Мјанмар, Кенија, Уганда, Индонезија, Хондурас и во Еквадор, повеќе од 70 % од испитаниците изјавиле дека заработувале помалку отколку пред пандемијата на коронавирусот, додека во САД, 34% рекле дека имаат помалку приходи.

Кризата предизвикана од коронавирусот особено ги погоди жените, кои главно се вработени во ниско платени сектори, како што се малопродажба, туризам и услуги за храна.

Во 57 земји, вклучувајќи ги Индија, Зимбабве, Филипини, Кенија, Бангладеш и Салвадор, повеќе од 65 % од испитаниците изјавиле дека престанале да работат некое време поради пандемијата.

Најмалку луѓе престанаа да работат во развиените земји со високи примања, па така секој десетти човек во Австрија, Швајцарија и Германија привремено престанал да работи.

Во САД 39% од населението привремено престанало да работи поради пандемијата.

Фото: Pixabay